BMW и Mercedes постојано се тркаат кој прв ќе извади нов модел, додека Audi мирува цело време. Дури и стартот на новата генерација на A4 е одложен цела година. Не е без причина.
Трите германски марки од премиум сегментот со децении се борат со продажбата, престижот и имиџот. На моменти е прв BMW, на моменти Mercedes, а некогаш Audi. Но, никогаш досега не биле поголеми разликите меѓу овие три марки, барем во поглед на бројноста на новите модели. BMW последно ги претстави сериите 2 и 4, ванот Active Tourer, па уште и електричниот i3. Конкурентот Mercedes реагираше со GLA, со новата класа С и со знаменосецот од класата S. Сите овие модели се стратешки и носат пари во касата. Кај Audi, пак, освен новата генерација на TT, нема ништо позначајно.
Одговорните во Mercedes се подготвија за остра битка со стартот на новата класа C. Кога новата лимузина беше претставена во Детроит во средината на минатиот месец, веќе долго беше јасно дека лимузината од средната класа со впечатливо динамичен дизајн ќе ги одмерува силите само со серијата 3 на BMW, затоа што на новиот Audi A4 ќе се чека подолго отколку што беше планирано.
Новиот А4 ќе се појави дури во следното лето?
Моделот со четирите прстени во актуелната генерација е присутен на пазарот од крајот на 2007 година и требаше да добие заменик веќе напролет. Почетокот на продажбата на домашниот пазар се планираше за налето, кога новиот А4 требаше да им ги покаже забите на актуелниот шампион во класата – серијата 3 на BMW – и на новата класа С. Но, овие планови се изјаловија. Место светската продажба на А4 да стартува во почетокот на 2015 година, стартот сега е поместен за средината на годината.
Причина за одложувањето е намерата на новиот шеф на развој Улрих Хакенберг да ги препровери сите актуелни планови на неговиот претходник Волфганг Дирхајмер. Хакенберг стана прв човек на развојот во Audi откако претходно се докажа на истата позиција во марката Volkswagen. Секаде каде што ќе се покажел простор за подобрување, новиот шеф го запирал проектот и ги одложувал моделските премиери и техничките иновации настојувајќи да се постигне перфекција, без оглед на загубите.
Шефот Хакенберг ги средува пропустите на неговиот претходник
Тоа се гледа најдобро на примерот со Audi A4, чијшто старт се одложува веќе вторпат. Причина за одложување се малите зафати во изгледот, но многу повеќе новите мотори со значително подобрена штедливост. Верзијата со хибриден погон ужива висок приоритет и таа треба да биде достапна на пазарот кусо по стартот на моделската серија. Покрај тоа, се доработуваат и техничките детали во кабината, во подвозјето и во системите за асистенција.
Челниците на куќата биле речиси престрашени по првото возење на конкурентскиот Mercedes од класата Ѕ, чијшто автопилот управувал 20 секунди по автопат без каква било интервенција од возачот. Audi планирал слични системи во новиот А4 и во идните модели, но кај нив автопилотот успевал да вози сам најдолго седум секунди. Тоа е едно од подрачјата што исто така мора да се доработат за новиот А4.
Одложување има и кај следната генерација на луксузниот теренец Audi Q7. Тој е веќе предолго на пазарот во споредба со конкуренцијата, но продажбата и натаму оди одлично на неколку пазари. Новиот Q7 ќе биде исто толку голем колку актуелниот модел, со значително повеќе комфорни и безбедносни системи, но и покрај тоа ќе тежи околу 300 килограми помалку.
На Хакенберг не му се допаднало тоа што дизајнот не ја оддавал постигнатата леснотија на големиот теренец, особено во предниот дел. Затоа шефот го вратил дизајнот на доработка, за лесната конструкција да биде воочлива на прв поглед. Поради тоа, конкурентот на Mercedes ML и BMW X5 ќе мора да почека со стартот дури до првиот квартал од 2015 година. Одложувањата на стартот на новите моделски генерации на А4 и Q7 ќе го чинат концернот Volkswagen милионски суми, иако концернот во моментов не може да се пожали дека продажбата стагнира.
















