за

Фејслифт на Audi A8: Овој Audi гледа со матрични очи

Audi даде одговор на новата класа S на Mercedes со темелно освежување на неговиот знаменосец: Нови мотори, нови помошни системи и долго најавуваните матрични светла.

На инженерите во Инголштат им светна. Поточно, им светна 50 пати. Тоа е бројот на светлечки диоди од кои што се состојат предните светла, при што секоја се вклучува независно од другите. Предноста на овие т.н. матрични светла е во помалото заслепување на другите возила, а во исто време подобро осветлување на патот. Интелигентните светла ги користат дури и податоците од системот за навигација. За играта со светлината да биде целосна, и трепкачите ја користат истата технологија, односно светлечките диоди во нив се вклучуваат едноподруго и нанадвор, за другите учесници во сообраќајот да можат подобро да го воочат сигналот за свртување и во услови на влошена видливост.

Како што може да се очекува од Audi, промените во изгледот на каросеријата се минимални. Хаубата, маската и браникот имаат поостри линии, а долниот раб на светлата сега оди по права линија. Промени има и во изгледот на задните светла, како и во задниот браник, во кого сега завршуваат две издувни цевки во форма на ромб. Надворешната појава е облагородена со хромирани лајсни и црни прозорски рамки полирани до висок сјај. Во германскиот ценовник A8 стартува од 74.500 евра, односно 500 евра повеќе од претходникот.

Под хаубата може да се избере еден од двата бензинци и двата дизели, во дијапазон на моќност од 258 до 435 КС. Оптимизацијата на моторите главно се однесуваше на смалување на внатрешното триење, што резултираше со намалување на потрошувачката до десет проценти. Најштедлив е трилитарскиот дизел, кој во просек троши 5,9 литри гориво, додека најсилниот бензинец го забрзува двотонскиот крстосувач за 4,5 секунди до темпо 100. При делумно оптоварување, моторот исклучува половина од цилиндрите, односно работи како четирицилиндарец. За преносот на силата како стандард за сите модели е осумстепен Tiptronic.

Покрај класичните мотори, гамата на A8 вклучува уште три мотори: Продолжената верзија A8 L W12 quattro, со 6,3-литарски W12 со 500 КС, спортската изведба S8 со 520 КС и 4,2 секунди до темпо 100, како и хибридната изведба, во која што дволитарски бензинец работи заедно со електромотор, од каде произлегува системска моќност од 245 КС. Просекот за хибридниот модел е 6,3 литри бензин.

Исто како и досега, патниците нема да почувствуваат многу од тоа што се случува под хаубата – поточно, уште помалку. Со допонителна изолација повторно е намалена бучноста во кабината. Моделското освежување го дополни и списокот на дополнителна опрема. Со доплата се достапни активен систем за следење лента, кој го враќа возилото во линија при прегазување на лентата, потоа холограмски дисплеј за директно прикажување на патните информации во видното поле на возачот, а големата лимузина сега умее и сама да се паркира, под услов да има доволно простор за нејзините пет метри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најголемиот Mercedes троши помалку од Smart

Tesla ќе гради фабрики за електрични автомобили во Европа и Азија