за

Уште еден нов модел од Чешка: Дали Skoda е новиот Volkswagen?

Целиот тим што работеше на новата Skoda Karoq, во четвртокот отпатува за Стокхолм, да присуствува на премиерата на автомобилот во средината којашто маркетиншките експерти на марката сметаа дека најмногу му прилега на моделот. И светот да го запознае кросоверот во неговото најдобро светло. Karoq заокружува едно важно историско поглавје во Skoda.

Повеќе од три години наназад, автомобилскиот свет со внимание го следи секој официјален настап на Skoda, уште откако на салонот во Женева во март 2014 година беше претставен концептниот Vision C. Од него, една година подоцна произлезе актуелниот Superb, со нов дизајн, полн со самодоверба. Многумина уште подзапираат да го разгледаат. Во истиот манир беше најавен и Kodiaq, кој се претвори во еден од „најтешко возливите автомобили“ во историјата на Skoda – луѓе речиси ги напаѓаат сопствениците на улица, да се распрашаат, да го запознаат автомобилот.

Skoda Karoq Premiera 04

Уште многу работи се случија во меѓувреме, со сличен исход. Сега, откако премиерата на Karoq во шведската уметничка галерија ја следеа во живо над еден милион интернет-корисници, прашањето се наметнува логично: Дали Skoda е новиот Volkswagen? Обемот на премиери и подосвежувања во чешката марка не е ништо поголем отколку кај останатите марки под покривот на Волфсбург. Но, некако се стекнува впечаток дека за нив се зборува повеќе, подолго и со повеќе симпатии. Светот едноставно ја сака „новата“ Skoda, а тоа нема што повеќе да се објаснува.

Кристијан Штрубе: „1 Karoq = 100% од тоа што клиентот го бара и го сака во својот живот“

Бернхард Мајер, првиот човек на чешката марка, претставувајќи го Karoq нагласи дека во изминативе месеци со предсериските примероци биле извозени над два милиони километри во тестирање. Подеднакво убедлив беше и Вернер Ајхорн, член на одборот на директори, којшто потсети дека во последниве десет години е удвоена проджбата на Skoda. И информацијата што сите ги засега најмногу: Во првите два месеци, Kodiaq постигна продажба од преку 37.000 примероци. Ваквите успеси очигледно поттикнуваат инспирација кај Кристијан Штрубе, шефот на техничкиот развој, кој воведува нова единица мера: „1 Karoq = 100% од тоа што клиентот го бара и го сака во својот живот“.

Skoda Karoq Premiera 03

Компактниот кросовер во основата е веќе добро познат. Тој ја користи платформата од Seat Ateca и Audi Q2, располага со најголем багажник во класата и со висок степен на функционалност, надграден со практичние решенија кои Skoda постојано ги воведува во своите модели. Karoq е воедно и првиот модел на Skoda кој поседува дигитална табла со инструменти, со можност за програмирање според желбите на возачот. Не недостигаат ниту светлечки диоди за сите функции на осветлувањето, исто како и актуелизирани инфо-забавни системи.

https://www.facebook.com/skoda/videos/1346291005463357/

Сите можни комбинации од мотори, менувачи и погони се достапни во новиот кросовер на Skoda

Понудата од погонски единици ја сочинуваат два бензински и три дизел мотори: 1.0 TSI со 115 КС и новиот 1.5 TSI со 150 КС, 1.6 TDI со 115 и 2.0 TDI во верзии со 150 и 190 КС. Основните мотори се испорачуваат во комбинација со преден погон, кој е опција кај верзиите со 150 КС, односно стандард кај најсилниот дизел. Седумстепен менувач со двојна спојка стои на располагање во целата гама.

Skoda Karoq Premiera 06

Но, дали Skoda навистина е новиот Volkswagen. Да, во „зачеток“. Иднината на матичната марка на концернот од Волфсбург ѝ носи многу поизразена застапеност на електриката во погонската спрега, како и технолошка авангарда преку иновативни услуги и комплетна конективност. Автономно возење исто така. Volkswagen постепено започнува да се издвојува и да чекори кон иднината, додека Skoda останува приземна, но темелна и добра. VW се „апдејтира“, Skoda е новиот Volkswagen.

Skoda Karoq Premiera 02

Skoda Karoq Premiera 05

Skoda Karoq Premiera 06

Skoda Karoq Premiera 08

Skoda Karoq Premiera 01

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Android Auto добива нови функции и поголема контрола врз возилото

Volvo тестира „самовозечки“ камион за собирање отпад