Кој мисли дека љубителите на олдтајмери сакаат да уживаат во звукот на моторот и во тропањето од подвозјето, нека размисли уште еднаш. Според Jaguar и Land Rover, во историските автомобили треба да работи најмодерно радио со класичен изглед
Одделенијата за историски модели на автомобилските куќи со голема традиција стануваат сé поинвентивни во намерата да ја наплатат пасијата кон нивната марка. Jaguar Land Rover разви современ инфо-забавен систем, со класичен изглед, но со функции како кај најнапредните системи во актуелната автомобилска генерација.
„Радиото“ поседува сателитска навигација, поврзување со мобилен телефон, музички стриминг, па дури и прием на дигитално радио и дисплеј на допир. За вградување во олдтајмерите и јангтајмерите на Jaguar и Land Rover, потребно е возилото да располага со отвор според DIN 1 и со 12-волтна мрежа со негативна маса.
Сопствениците ќе имаат на располагање сателитска навигација со 2D или 3D, односно со пиктограми и стрелки во своите стари автомобили. Системот располага и со просторно озвучување 4х45 вати, блутут и УСБ, како и со отвор за картичка SDHC.
Ракувањето е преку дисплеј на допир од 3,5 инчи со висока резолуција, околу когошто се наоѓаат традиционални ротирачки команди и копчиња. Пет различни предни маски стојат на располагање, според автомобилот.
И цената е олдтајмерска: 1.438 евра кај овластените дилери.