Специјален Ferrari F12tdf во чест на Тур д’Франс

Тркачките машини што можат да се возат на јавни патишта се „ин“ во браншата. Ако се бара екстрем во тој поглед, не може да се очекува тој да дојде од друго место освен од Ferrari.

Во седиштето на Ferrari во Маранело денес е претставена специјалната моделска серија F12tdf во чест на Тур д’Франс. Италијанската марка доминираше на легендарната улична трка во издржливост во 1950-те и 1960-те години, особено со Ferrari 250 GT Berlinetta од 1956 година, која постигна четири победи едноподруго. За победа на оваа трка беше потребно автомобилите да поседуваат врвни перформанси во спој со лесна возливост, за возачот да може да ги издржи стотиците километри дневно по брзи и кривулести патишта, а во дел и по тркачки патеки. Специјалниот Ferrari F12tdf е токму таков автомобил, едноставен за возење во секојдневието, но во врвна форма да се бори за победа, односно автомобил што може да се вози и по планински пат и по тркачка патека. Серијата во чест на Тур д’Франс ќе се изработи во само 799 примероци.

Моќта на F12tdf доаѓа од атмосферскиот V12 со 780 КС, со 40 КС повеќе од „стандардниот“ F12. Соодносот на распределбата на тежината меѓу оските е променет, односно врз предната оска „притискаат“ 8 проценти повеќе од тежината на возилото во споредба со нормалната изведба на моделот, заради уште подинамични возни својства, особено во страничната стабилност во свијоци. Природното тежнеење на F12 за надуправување со промената на димензиите на гумите се компензира со иновативното управување на задната оска – со познатите ефекти: Возилото во свијоци се однесува како да има покусо меѓуоскино растојание, односно ги совладува истите уште посуверено отколку при вообичаеното управување само на предната оска. Во брзи свијоци дополнително „држи“ и потисокот што е зголемен за дури 87 проценти.

Со радикални заафти во каросеријата, ентериерот, моторот, менувачот и погонската спрега, заедно со обемна примена на карбон, придонесе тежината на F12tdf да се намали за 110 килограми. Резултатите се очигледни: забрзување до сто за 2,9 секунди, до 200 за 7,9 секунди и време на круг во фабричкиот Фиорано од 1:21 минута. Фрапантните вредности на „негативното“ забрзување се заслуга на едноделните сопирачки клешти по пример на LaFerrari. Со нив, Ferrari F12tdf сопира од 100 km/h за само 30,5 метри, односно од 200 km/h запира во место по само 121 метар.

Цената за ексклузивниот F12? Денес екстремна, утре уште поекстремна.

Претходна објаваЈирген Клоп: На амбасадорот на Opel повеќе му е мил Porsche Cayenne
Следна објаваФранција плаќа 10.000 евра за замена на дизел постар од 10 години

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here