за

Осум модели на краш-тест и сите со пет ѕвезди

краш-тест volvo xc60

Euro NCAP ги објави резултатите од краш тестот на осум нови модели. Volvo XC60 се покажа најбезбеден од сите возила тестирани годинава. Нови и построги норми за краш-тест стапуваат на сила в година.

Euro NCAP го прогласи новиот Volvo XC60 за најбезбеден автомобил при судир од сите модели тестирани годинава. Шведскиот теренец беше дел од последната серија тестирања, во којашто учествуваат вкупно осум нови модели. Сите го освоија максималниот број од пет ѕвезди. Од следната година стапуваат на сила нови норми, со коишто повторно ќе се воспостави поголема разлика во оценувањето на безбедноста на возилата.

Овие осум модели беа тестирани во последната серија на Euro NCAP: Volvo XC60 во класата на големи теренци; VW T-Roc, Škoda Karoq и Mitsubishi Eclipse Cross во класата малечки теренци; Citroën C3 Aircross и Opel Crossland X во класата мали кросовери; VW Polo и SEAT Arona во класата градски автомобили. Сите освоија по пет ѕвезди.

Новиот Volvo XC60 покажа најдобри резултати годинава и на исто ниво е со големиот теренец XC90 којшто беше тестиран во 2015 година. Со 98-процентна заштита на возрасни патници и голем број системи за асистенција, XC60 ја нуди истата заштита како моделите од највисоките класи.

Системите за асистениција со големо влијание врз оцената на краш-тест на Euro NCAP

Безбедноста, сепак, не е привилегија само на најскапите и најголемите автомобили. Во новата генерација модели од градската класа се вградува напредна технологија, што значително ја подобрува безбедноста. Новиот Volkswagen Polo им се придружува на Nissan Micra, Ford Fiesta и SEAT Ibiza, како модели од најпродаваната класа во Европа, коишто поседуваат самостојно запирање при опасност од судир како стандардна опрема. Конструиран врз платформата на Ibiza, кросоверот Arona ги наследува квалитетите на комбилимузината и исто така освои пет ѕвезди во последната серија краш-тестови.

Во серијата учествува и три малечки теренци. VW T-Roc, Škoda Karoq и Mitsubishi Eclipse Cross постигнаа одлични резултати, со високи перформанси во сите критериуми на оценување. Од осумте модели, единствено Opel Crossland X и платформскиот близнак Citroen C3 Aircross не располагаат со систем за самостојно запирање при опасност од судир, но затоа поседуваат неколку останати системи за асистенција, коишто им ги обезбедуваат максималните пет ѕвезди.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes g-class limited edition

Уште една поздравна серија пред заминувањето на G-Class

електричен скутер ksr moto vionis

Австриска марка продава електричен скутер за 2000 евра