за ,

Женева 2015: Вечер на огномет од новитети на групацијата Volkswagen

Одржувањето на „Ноќта на групацијата Volkswagen“ во предвечерието на салонот во Женева има долга традиција. Најголемиот производител на автомобили во Европа ги прикажа своите последни модели од дванаесетте марки во концернот, во халата „Espace Sécheron“ покрај езерото Леман. Концернот уште претходно имаше причини за славење. Volkswagen Passat во попладнето беше прогласен за европски автомобил на 2015 година. По Polo во 2010 и Golf во 2013 година, Volkswagen веќе по третпат ја освојува престижната титула во период од шест години.

Преку 1.500 гости присуствуваа на спектаклот. Меѓу гостите се најдоа претседателот на ФИА, Жан Тод, како и тркачките ѕвезди Џеки Икс и Ханс-Јоаким Штук. Посебно внимание привлекоа концептот на спортски теренец Seat 20V20, студијата на спортска лимузина со плаг-ин хибриден погон Volkswagen Sport Coupé Concept GTE, како најава за новата генерација на Passat CC, додека премиера како сериски модел доживеа компактниот ван Volkswagen Touran.

Porsche го прикажа Cayman 4 GTS, а Audi премиерно ја прикажа втората генерација на суперспортскиот R8 со десетцилиндарец. Новите дизајнерски гени на Audi ги носи студијата Audi Prologue Avant, со хибриден погон со надворешно полнење и способност да мине до 54 километри само со енергијата во батериите. Шефот на благородните марки Bentley и Bugatti, Волфганг Дирхајмер, ги прикажа и последниот Veyron Grand Sport од Молсхајм, како завршен 450-ти модел во серијата на ексклузивниот болид, како и концептниот двосед Bentley EXP 10 Speed 6, којшто има големи изгледи да се појави во стандардната понуда на британската марка.

Lamborghini дефилираше со Aventador SV, со крајна брзина од 350 километри на час, како чистокрвен тркач и олицетворение на автомобилските соништа и емоции. Повторно „враќање на земја“ беше задача на темелно преработениот Caddy, со когошто марката товарни возила на Volkswagen го комплетираше обновувањето на целата палета модели. Секако дека ѕвезда на вечерта беше и новата генерација на Skoda Superb, која што доживеа премиера пред околу две седмици во Прага.

Покрај овој огномет од новитети остануваат само малку сомнежи дека Volkswagen ќе успее да ја преземе титулата на најголем производител на автомобили во светот најдоцна до 2018 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Женева 2015: За GTR мора прво да се поседува McLaren P1

Женева 2015: Volkswagen Passat е европски автомобил на годината