за

Дваесетгодишен BMW на рели од 6000 километри до Јордан

Шестмина авантуристи се впуштаат во потфат којшто ќе ги води низ 6000 километри од Германија до Јордан. Асфалтот ќе почне да им исчезнува во втората половина на рели-маратонот што се вбројува меѓу најдолгите во светот, но и изборот на возилата е голем предизвик: Три примероци од серијата 5 на BMW во комби-изведба, сите постари од 20 години и вредни по околу 1.000 евра.

Приватниот тим „5ever“ стартуваше со три автомобили BMW 520i Touring од генерацијата Е34, стари повеќе од дваесет години, на авантуристичкиот маратон Алгој-Ориент 2017. Целта е егзотичниот Аман во Јордан, до кадешто во поголемиот дел водат патишта што во овој дел од светот одвај се препознаваат како такви.

bmw 5ever allgau orient 00003

Шестмината пустоловци појдоа од баварското гратче Оберстауфен, во идиличната средина во подножјето на Алпите, и набрзо ќе дознаат колку добро се подготвени за исцрпувачкото патување – и дали нешто заборавиле да понесат. Простор има доволно во првиот комби-модел од серијата 5 на BMW, а тоа што не го собра внатре е качено на специјалните багажници на покривот.

Возилото да не биде повредно од 1.111 евра и ноќевање за најмногу 11,11 евра

Со повеќе од шест илјади километри, релито Алгој-Ориент се вбројува меѓу најдолгите и најтешки рели-маратони во светот. Има и дополнителни „компликации“. Автомобилите за релито не смее да се помлади од 20 години и да чинат над 1.111 евра. Преспивањето во мотел, хотел или што било, не смее да чини над 11,11 евра по човек – во спротивно се користат шаторите.

bmw 5ever allgau orient 00004

Автопатиштата се табу, забранети се какви било навигациски уреди. Може да се вози единствено по споредни патишта, со стари и добри хартиени патни карти. Патот до Аман во Јордан годинава води низ Турција и Израел. Организаторите на маратонот имаат предвидено неколку специјални испити и задачи, колку да не им „здодее“ на учесниците. Учеството на ова рели е во хуманитарни цели. Паричниот фонд обезбеден од спонзорите на релито е наменет за реализација на локални хуманитарни проекти во Аман. И главната награда е посебна: Камила. Не случајно во логото на тимот се наоѓа камила. И не случајно, маскотата на тимот за стартот на релито е камилата Карим, врвен претставник на својот род со „потекло“ од Горна Баварија.

bmw 5ever allgau orient 00002

Иницијаторка на тимот е Јулија Хилтроп (32), којашто во моментов работи во Фиренца, но не милува да го мине животот во канцеларија. Вториот член во тимот е организацискиот маестро Адил Сбај (31), Софија „Софа“ Вицорек (26) е возачоманка порасната покрај татко што знае да поправа автомобили и вработена е во одделение за односи со јавност, Себастијан „Басти“ Шулц (30) има израснато на задната клупа на BMW од серијата 5 и низ авантурата ќе биде задолжен да фотографира и снима, Андреас Закај (28) е музичар и негова задача ќе биде да го орасположува тимот покрај логорскиот оган. Шестиот член е Регина Херц (29) којашто уште при набавката на возилата се вљуби во BMW 520i Touring и веќе жали што на крајот од патувањето ќе мора да се раздели од автомобилот. Таа е воедно и графичар, чиешто дело е логото на тимот.

https://www.facebook.com/5ever017/posts/464809303860903

Првиот примерок од Touring од генерацијата Е34 се појави во 1991 година, како втор комби-модел на BMW по серијата 3 од генерацијата Е30 во 1987 година. Со околу 31.000 продадени примероци, 520i Touring е втор најпродаван модел од серијата, по 525tds. Во мај 1990 година, моторот M50 доби 4-вентилска техника и со 150 КС не му недостига моќност за претстојниот подвиг.

Специјален возачки тренинг од шампионот на BMW, Марко Витман

Механичари и експерти од BMW Group Classic му помогна на тимот да ги избере возилата и да ги подготви за авантурата. По купувањето следеше темелна проверка во сервисот на одделението на BMW за класични модели, а потоа и специјална возачка обука на патеката во Мајзах. Тука на тимот му се најде од голема помош Марко Витман, двократниот ас во германското првенство во туристичка класа.

bmw 5ever allgau orient 00005

bmw 5ever allgau orient 00006

bmw 5ever allgau orient 00007

bmw 5ever allgau orient 00008

bmw 5ever allgau orient 00010

bmw 5ever allgau orient 00009

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche 911 стана милионер: Јубилеј на спортската икона

Совети: Мали делови што се од суштинско значење за автомобилот