Постојат многу мудрости како најдобро да се спречи замаглувањето на стаклата во возилото, вклучувајќи и бесмислици, како што е мачкање со јаболко. Најголемата мудрост и единственото правило е: Беспрекорно чистите стакла се замаглуваат помалку.
Неколку совети околу постапувањето со нашите возила во студеното време од годината коишто сите ги знаеме и неколку совети коишто можеби ги имаме подзаборавено во меѓувреме.
Стакла
Повеќемесечното возење под клима-уред и правта создаваат леплив слој од внатрешната страна на ветробранот. Неколку минути се потребни за овој слој да се отстрани. Доволно е да се користи течност за стакла, весник или крпа со микровлакна. Со темелното чистење до „чкрипење“ се спречува заслепување од ниското есенско сонце и во значителна мера се избегнува замаглувањето на стаклата.
При чистење на задното стакло треба да се внимава да не се оштетат грејните жици. Секако дека темелното чистење го спречува замаглувањето и на задното стакло, а со тоа и потребата од вклучување на грејачот. Тој е меѓу најголемите потрошувачи на струја во кабината и буквално голта литри гориво во подолг временски период.
Бришачи
Кога ќе го слушнете ужасното квичење, време е да се сменат метличките на бришачите. Веднаш штом бришачите ќе минат тивко и комплетно ќе го исчистат стаклото, ќе бидете среќни што сте ги смениле. При температури под нулата, проверете дали бришачите се залепиле за стаклото. Насилното одлепување со рака гарантирано го оштетува тенкиот раб на врвот на метличката. Вклучувањето на залепените бришачи може да предизвика прегорување осигурувач или да го оштети електромоторот. Истиот проблем се случува и со ретровизорите. Кога температурите ноќе се многу ниски, не ги преклопувајте ретровизорите.
Tечност за миење
Тука нема многу мидрување, освен правило дека течност што е подготвена за користење е поскапа од концетрат. Во големите супермаркети може да се најдат концетрирани течности за миење стакла, кои треба само да се разредат до потребниот сооднос. Зимските течности поседуваат и заштита од мрзнење и при мешањето треба да се внимава течноста да не се разреди премногу. Доволно е само да се следат упатствата на амбалажата. Средствата што ветуваат чуда или оние што се „специјално наменети за икс-марка“, најдобро да се прескокнат. Кога е студено, не ги пуштајте прскалките пред да се загрее кабината, во спротивно течноста може да замрзне врз ветробранот.
Чистење мраз
Во голем број модели се вградуваат и грејачи во ветробранот, за кои сите завидуваме кога ќе почнат смрзнувачките утра. Доколку возилото не располага со волшебното копче што го одмрзнува стаклото, доволно е ветробранот да се покрие со евтина прекривка од вештачки материјал или картон. Весници не одговараат, затоа што се претвораат во каша.
Гребачот за мраз не треба да е од најевтините, затоа што може да го оштети стаклото, покрај тоа што лесно би се скршил. Корисни се гребачите со гумен раб од едната страна. Спрејот за одмрзнување, по правило, не треба да се наоѓа во кабината, затоа што таму е недостапен кога ќе замрзнат заптивките на вратите. Малечок спреј може да стои под капакот на резервоарот или едноставно да се носи в џеб. Најважното: Планирајте десет минути за „одмрзнување“ на возилото. Ветробранот се чисти целосно, место само една црта пред себе. Во сообраќајот сепак има и други учесници, кои не треба да настрадаат поради нечија лекоумност.
Возилото не се загрева во место
Многумина возачи уште практикуваат да го остават моторот да работи и го пуштаат греењето на најсилно, додека го ослободуваат возилото од мраз. Тоа е забрането во речиси сите земји во ЕУ. Моторите загадуваат најмногу и трошат најмногу гориво додека се незагреани. Покрај тоа, поновите генерации мотори, особено дизелите со директно впрскување, постигнуваат толку висока ефикасност во согорувањето (настрана тоа што испуштаат еден тон честички гареж), што кабината ќе остане незагреана и по десетина и повеќе минути работа на моторот. Затоа, стартувајте го моторот пред самото поаѓање.
Испарувања во кабината
Пред влегувањето во возилото, внимавајте да го истресете целиот снег и сета влажност од облеката и обувките. Во спротивно, влагата ќе испарува и ќе се наталожи врз стаклата, односно ќе се впие во целата кабина. Добра идеја е влажното палто да се одложи во багажник, но влагата и оттаму ќе доспее до кабината.
















