Производителите од јапонските острови немаа среќа во последниве години. Силен јен, земјотрес, цунами, спор со Кина – сето тоа ги погоди силно Toyota & Co. Падот на вредноста на јенот им даде нова шанса на Јапонците.
Автомобилските марки од Јапонија се враќаат на голема врата. Toyota, најголемиот производител на автомобили во светот, ја заврши минатата година со трипати поголем профит отколку во годината пред тоа, односно со чиста заработка од 7,4 милијарди евра. Седумте најголеми производители од Истокот уште во оваа година ќе се приближат до рекордните бројки од периодот пред избувнувањето на светската финансиска криза во 2008 година, кога забележаа заеднички профит од вкупно 35 милијарди евра.
До неодамна јапонските концерни трпеа силни последици од земјотресот и цунамито од 11-ти март 2011. Производството на автомобили во тој момент згасна речиси целосно. Потоа следуваше и падот на продажбата во Кина, поради антијапонските протести за спорот околу ненаселените острови во Источнокинеското Море. Toyota дополнително се најде под силен притисок поради масовните сервисни повици на неколку модели, кои го потресоа имиџот на марката.
Сето тоа сега е минато. Шефот Акио Тојода извлече „вредна поука“ од предизвиците пред кои што се најде примусот во браншата. Според него, концернот работел на обезбедување на постојаност на квалитетот, како и на зголемување на продуктивноста и профитабилноста.
Камбекот на јапонските марки се должи во голема мера и на успехот на „Абеномиката“, односно на економската политика на премиерот Шинзо Абе, кој стапи на должност во декември. Со комбинирањето на масивни конјунктурни програми и агресивно ослободување на монетарната политика дојде до значително ослабување на јенот во минатите месеци. Од тоа профитираат и домашните производители на автомобили, кои постигнуваат повисок извоз поради ослабениот јен.
Друг фактор што придонесе за враќањето на Јапонците е заздравувањето на важниот пазар во САД. Додека ситуацијата на домашниот пазар не изгледа многу розово, според процените, продажбата на нови возила во САД ќе ја пречекори бројката од 15 милиони возила во оваа година, како резултат од заздравувањето на економијата и од пониските камати. Покрај тоа, за да искористи максимално од одличната продажба, Toyota ќе почне локално да произведува возила за престижната марка Lexus.
Лимузината ES 350 од 2015 година ќе се произведува во фабриката во Кентаки. Овој чекор е напад и врз германските производители, кои што се лидери во сегментот на престижните марки во САД. По General Motors и Ford, Toyota е трета најголема марка во Соединетите Држави.
Со цел да го обезбеди натаможниот растеж, јапонската марка ќе воведе реформи во технологиите за производство и во развојот на нови модели. Покрај тоа се врши и темелно реструктурирање на менаџментот. Заминуваат три од седумте потпретседатели кои одговараат директно под Тојода. Пред две години шефот го намали бројот на директори од 27 на единаесет. На тој начин, внукот на основачот на концернот планира да ја зголеми ударната моќ во конкурентската битка со најострите конкуренти General Motors и Volkswagen.
Германците исто така имаат големи планови. Тие планираат да станат најголем производител на возила во светот до 2018 година. Според резултатите за последната деловна година, Volkswagen е веќе пред Toyota. Оперативниот резултат изнесуваше 11,5 милијарди евра, а приливот дури 21,9 милијарди евра. Но, причината за тоа беа дополнителните ефекти од интегрирањето со Porsche.