за

Што открива издувната цевка за автомобилот?

Кај скапите автомобили сé почесто отсуствува моделската ознака. Силината на моторот ја открива само издувната цевка. Не се работи само за големината.

Издувните цевки кај денешните автомобили прераснаа во дизајнерски објект и статусен симбол, особено кај моделите од престижните марки. Вообичаено е на моделите од средната, вишата и луксузната класа да не се става моделска ознака, но за силината на моторот може сепак да се заклучи од големината и бројноста на издувните цевки.

Моделите на Audi A4, A5 или A6 со дизелски мотор ја носат само ознаката TDI, од која што не може да се заклучи со колкава моќност располага моторот. Но, познавачите сепак можат да го откријат тоа со помош на неколку знаци. Дволитарските дизели со 136 и 177 КС имаат обична двојна цевка од левата страна, додека шестцилиндарските мотори од три литри и моќност од 204, 245 и 313 КС располагаат со впечатлива издувна цевка од левата и од десната страна. Оттаму може да се заклучи дека вториве располагаат со два целосно одвоени издувни системи, односно со двоен издув.

audi rs6

Разликите се уште поизразени кај бензинските модели на Audi. Послабите бензинци се распознаваат по обичната двојна издувна цевка. Наспроти тоа, шестцилиндарците покажуваат со двоен издувен систем, со по една цевка на секоја страна. Спортските модели со ознака S имаат двојни издувни цевки десно и лево. Тие го откриваат моделот S4 со шестцилиндарски 333 КС, погон на сите тркала и богата опрема.

Од четири издувни цевки назад нема повеќе, би помислиле. Но, кај Audi не е така. Врвот во понудата им припаѓа на моделите RS, од чиј опаш штрчат две цевки дебели како оџак, кои се вградени во браникот и јасно ставаат на знаење дека оттука се издувува голема моќ. Тоа и не е лага. Осум цилиндри и 450 КС се максимумот кај RS4 и RS5. Пандан од семејството на A6 е моделот RS6 со 560 КС, кој е достапен само како комби Avant. Слична хиерархија важи и кај A8 и Q5. Единствено RS Q3 има само една дебела издувна цевка.

Во времето кога моделите со TDI сé уште не поседуваа филтер за честички чад и создаваа дебел црн облак, цевките дискретно се насочуваа надолу. Оттогаш технологијата напредуваше значително и моторите работат многу почисто, така што денес и дизелите имаат видлива издувна цевка исто како бензинците.

Постои строга хиерархија кај издувните цевки

 

Кај BMW исто така со години се негува хиерархија кај издувните цевки. Сите четирицилиндарски модели до 320i и 320d имаат по една издувна цевка лево, додека кај шестцилиндарските бензинци и дизели се користи двојна издувна цевка.

bmw m3

Двоен издувен систем се користи дури кај посилните верзии. Во претходната генерација, моделот 335i располагаше со две единечни издувни цевки лево и десно, а M3 со 420 КС имаше две двојни цевки од обете страни. Истото важи и кај серијата 5, каде што обичниот издув е табу. За разлика од 320d, идентично моторизираниот 520d има импресивна двојна издувна цевка.

Моделите со осум и дванаесетцилиндарци по правило имаат двоен издувен систем. Од воведувањето на 750i во 1987 година, BMW негува традиција знаменосецот да има правоаглеста форма на издувните цевки.

Издувот како дизајнерски објект кај Mercedes

Кај Mercedes најдобро се воочува напредокот во кариерата на издувните цевки. До пред неколку години тие беа обичен функционален дел кај моделите од класата C, додека кај класата E воопшто не се забележуваа. Дури и SL немаше видлив издув. Единствено силните верзии на AMG имаа дебели цевки лево и десно.

mercedes sls amg

Откако марката со сребрената ѕвезда почна да негува спортски имиџ, дури и моделите од класите A и B уживаат во двоен издувен систем. Класата Е по фејслифтот доби широки дизајнирани цевки со елегантен профил, кои што се вклопуваат во дизајнот на браникот. Кај некои модели цевката е закосена, како кај SLS, кај други пак е елипсовидна, како кај новата класа S.

Кај Mercedes не владее строга хиерархија како кај Audi и BMW. Цевките кај класата А се слични со оние кај SLK или SL. Специјалистот за спортски автомобили Porsche уште во 1990-те години се збогуваше со обичните цевки и премина на двојни статусни симболи за неговите модели.

Jaguar е пионер на културата на издувни цевки

Спортските модели како Toyota GT86 или Nissan 370Z поседуваат две дебели издувни цевки. Ferrari уште во 1950-те години ги снабдуваше своите модели со двојни издувни цевки. Во тоа време се користеа долги и тенки цевки, што штрчеа од подот. Вистински пионер на автомобилската култура на издувни цевки е британската благородна марка Jaguar. Големите лимузини имаа издувна цевка лево и десно, како знак на распознавање. Моделите со дивата мачка имаа дури и два одвоени резервоари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

ADAC го призна местењето на изборот на Golf

Seat Leon повторно вози на сите четири