Во интервју за Automotive News, Герет Дансмор открива дека интересот на европските купувачи за електричните возила на Nissan се зголемува рапидно откако квалитетот на воздухот почна да достигнува критично ниво во најголемите градови во регионот.
Француско-јапонската алијанса Renault-Nissan има вложено милијарди евра во развојот на петте модели во својата актуелна понуда. Во интервју за гласникот на автомобилската индустрија Automotive News, шефот за електричните возила на Nissan во Европа, Герет Дансмор, говори за позитивниот имиџ на неговата марка меѓу купувачите, во услови кога реалната емисија на дизел моторите на конкурентските марки е ставена на тапет.
Повеќе луѓе умираат поради загадениот воздух отколку во сообраќајни незгоди
Дансмор во интервјуто открива дека Nissan бележи голем пораст во заинтересираноста на купувачите за модели како што е електричнот Leaf, во време кога во повеќето европски метрополи е подигнат аларм заради лошиот квалитет на воздухот. „Во Европа повеќе луѓе умираат од загадениот воздух отколку во сообраќајни незгоди. Лани во април, на мојата ќерка и беше забрането да игра фудбал поради превисоката загаденост на воздухот во Париз. Луѓето потоа почнаа да прашуваат, зошто градовите како Париз се толку загадени? Дизелот, за жал, е дел од проблемот,“ коментира шефот на Nissan EV за европскиот пазар.
Посетите на интернет страниците на Nissan се зголемиле трипати кога загаденоста на воздухот во Минхен првпат го надмина дозволениот лимит лани во април. Прекумерната загаденост во почетокот на годинава повторно ги поведе луѓето да ги погледнат електричните возила на страниците на Nissan. Според Дансмор, тоа почнува да влијае врз легислативата и владите почнуваат поинтензивно да ги подржуваат електричните возила, поради социјалниот бенефит на истите. „Тоа ќе помогне електричните возила да постигнат пресвртница многу порано отколку преку подобрувањата во технологијата на електричниот погон,“ оценува Дансмор.
















