за

Тест · Hyundai Santa Fe 2.2 CRDi Elite

Корејците ја имаат марката што бележи најголем подем во браншата. Во споредба со претходниците, новите модели се чини како да се две генерации понапред. Santa Fe се купува заради возилото, не заради цената.

Кога некоја марка постојано изненадува со своите нови модели, логично е да се очекува некогаш да настапи моментот кога човек ќе отрпне и кога изненадувањето ќе се разблажи, ќе се претвори во најобично очекување. Нешто слично литературата има овековечено во басната за овчарчето и волкот. Едно овчарче се наситувало паничејќи ги соселаните дека волк му ги напаѓа овците. Кога овие ќе пристигнеле на помош, овчарчето им се смеело оти наседнувале на измамата. Затоа, пак, кога волкот навистина ги нападнал овците, никој не реагирал на повиците.

Уште од времето на претставувањето на компактниот спортски теренец ix35, Корејците си поигруваат со чувствата на автомобилските ентузијасти и предизвикуваат емоции кои што бевме навикнале да ги доживуваме на друго место, кај некои други марки. Затоа, сега мора да следува непризнавање на изненадувањето. Повеќе никој нема да се изненадува кога Hyundai ќе претстави нов модел. Еве го последниот, Santa Fe, на кого дури и името не му е променето во согласност со новото именување, во ix45. Тој изгледа како сите други, вози најобично, има малку повеќе опрема од другите, но и цената не му е толку ниска.

За среќа, басните не функционираат секогаш во светот на автомобилите. Не постои сила на светов што ќе убеди дека Santa Fe изгледа и вози просечно, а уште помалку, дека корејската марка се откажала од својот основен принцип да нуди возила со натпросечна противвредност. Кога Hyundai претставува нов модел, се стекнува впечаток како да се работи за модел од преку следната генерација.

Марката што порано ги следеше трендовите поставени од другите, сега прерасна во марка што ги поставува предизвиците за конкурентите. Третата генерација на Santa Fe изгледа благородно, самоуверено, со кулминација во хромираната маска со масивни попречни ламели во хромиран финиш. Во шестаголната форма на маската, во изразот во погледот, во моќните рабови отстрана и во линијата на прозорците се распознава дека се работи за Hyundai. Марката конечно го доби стилскиот идентитет, препознатливоста на улица.

Не е за изненадување тоа што со ваквата појава Santa Fe ги привлекува погледите. Изненадување може да биде единствено откривањето на марката на моделот за оние што не ги имаат видено i30, Elantra, i40 или кој било друг модел од новата генерација на Корејците. Динамиката несомнено била основното мото на дизајнерите при креирањето на формите на спортскиот теренец, со мала помош од шефовите за развој на техниката, кои избрале каросеријата на Santa Fe да биде пониска за 75 милиметри во споредба со претходникот, заради подобра аеродинамика и заради подобри возни својства.

Со динамиката нема проблеми ниту погонската група. Со 197 коњски сили, четирицилиндарскиот турбодизел во тест возилото им дава живот на формите на каросеријата. Согласно барањата на пазарот и интересот на сé поголема група купувачи нивниот спортски теренец да не троши повеќе од семејна лимузина, Santa Fe се нуди со овој мотор и во верзија со погон само на предната оска. Во тој случај, цената изнесува 33.480 евра. Два степена погоре е тестираниот модел, со погон на сите тркала, врвно ниво на опрема Elite, автоматски менувач со шест степени и цена од 45.500 евра. Така се демонстрира моќта на марката. Над тоа, во европската понуда смее да оди само уште спортскиот теренец со шестцилиндарец од три литри и 250 коњски сили, ix55.

Средниот по големина теренец во понудата на Корејците поентира со натпросечната просторна понуда, особено на задната клупа, каде што може и добро да се залегне. Некој може да посака поцврста поддршка на телото во свијоци, но затоа пак, оние што го користат возилото како крстосувач повеќе ќе ја ценат комоцијата на седиштата. Без разлика на типот на возачот, секој ќе го забележи квалитетот на изработката на Santa Fe. Најголемиот дел од кокпитот е обложен со мека пластика, сите споеви се изведени педантно, при ракувањето со прекинувачите нема двоумење дали функцијата е вклучена или не, а дисплејот на врвот на средишната конзола прикажува слика во висока резолуција. Тоа го умеат најдобрите. Ништо помалку не се очекува од производител кој е толку самоуверен во своите автомобили што дава трикратна петгодишна гаранција за нив.

Во дотерувањето на подвозјето, Santa Fe ја двојат само нијанси од совршениот баланс. Подвозјето реагира стегнато на нерамнините во подлогата, што се чувствува повеќе покрај огромните бандажи од 19 инчи во повисоките нивоа на опрема. Ако возачот се прецени, подвозјето реагира со подуправување, пред да се вклучи контролата на стабилноста и да го држи возилото на замислената линија.

Santa Fe повторно го покажува карактерот на крстосувач со погонската спрега. Моторот номинално има натпросечно висока моќност од 197 коњски сили и ја докажува во возењето, но шестстепениот автоматски менувач го смирува моторот со релативно долгите интервали на промена на степен, но само во споредба со најдобрите автоматици во оваа класа, кои по традиција доаѓаат од BMW и Mercedes. По желба, возачот може да ја преземе контролата и сам да ги менува степените. Затоа, пак, кога возењето е динамично, но не се искористува полниот потенцијал на погонот, Hyundai се покажува во најдоброто светло, во тоа светло во кое што техничарите процениле дека најголемиот дел од купувачите ќе ужива во спортскиот теренец.

Во располагањето со врвна технологија во механиката или во електрониката повеќе нема ексклузивност. Четирицилиндарецот од 2,2 литри располага со впрскување на горивото со заеднички вод под притисок од 1.600 бари, пиезо инјектори, променлива геометрија на лопатките на турбината, буквално сé што браншата нуди како врв, го нуди и Hyundai. Мајсторијата е повеќе во постигнувањето хармонично чувство во возењето, возачот и патниците мора да се чувствуваат пријатно, да го препознаат карактерот на возилото.

Во тој поглед, Santa Fe се докажува како зрело возило со цврсто изграден карактер на комотен крстосувач. Погонот на сите тркала повеќе има цел да обезбеди тракција во отежнати услови на возење на асфалт, отколку да искачува по беспаќе, но ниту конкурентите не нудат друго, ниту пак купувачите бараат поинаку.

Тоа што останува непроменето е противвредноста. Топ моделот за 45.500 евра нуди полн луксуз: Паркинг камера, самостојно паркирање, речиси комплетно застаклен покрив, електрика за местење на предните седишта со меморија, па дури и навигација. Без автоматски менувач и едно ниво на опрема подолу, Santa Fe со истиот мотор и погон на сите тркала е достапен веќе за 39.000 евра. Тука следуваат автоматика за клима уредот, ксенонски светла, кожени седишта или напредно озвучување. Комбинација од основното ниво Интенс и погон на сите тркала не е можна, но така се овозможува и полесна достапност на голем и способен спортски теренец, за 33.480 евра.

  • [box type=”success” ]Врвна погонска единица
  • Доследен стил во секое подрачје од возилото
  • Трикратна петгодишна гаранција [/box]
  • [box type=”error” ]Изборот на три степени за управувањето е непотребна играчка во сериозен модел
  • Автоматиката е строго ориентирана кон крстосување и не се приспособува целосно на спортски начин на возење [/box]

Соочување со конкурентите

За модели без автоматски менувач. Hyundai не мора да стравува од конкуренција ниту од премиум марките. Предноста во цената од десетина проценти останува.

Hyundai Santa Fe 2.2 ЦРДи Audi Q5 2.0 TDI quattro BMW Х3 20d Mercedes GLK 220 CDI
Цена од [евра] 39000 43625 45700 45860
Мотор 2,2 л., 4 цил. 2,0 л., 4 цил. 2,0 л., 4 цил. 2,1 л., 4 цил.
Моќност [КС] 197 177 184 170
Врт. момент [Nm/min] 421/1800 380/1750 380/1750 400/1400
0-100 km/h [s] 9,8 9,3 8,5 8,5
Крајна брзина [km/h] 190 204 210 205
Потрошувачка [L/100 km] 5,7 6,0 5,6 5,5
ДхШхВ [cm] 469х188х168 463х188х166 465х188х166 454х184х167
Багажник [L] 585/1680 540/1560 550/1600 450/1550

Фабрички фотографии од Hyundai Santa Fe. Тест возилото беше отстапено од Кореја Ауто Трејд.

[nggallery id=61]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кабелот го презеде и управувањето

Lamborghini Aventador Super Veloce тестира со 800 КС