Во фабриката на Volkswagen во Волфбург се пронајдени два сомнителни објекта, за коишто се претпоставува дека се работи за бомби од втората светска војна.
Шефовите на концернот Volkswagen можеби со години минувале секојдневно покрај две бомби од втората светска војна. При градежните работи на управната висококатница во матичната фабрика на Volkswagen во Волфсбург се покажале две места за сомнеж дека се работи за локација на којашто се наоѓаат авионски бомби. Местото е во непосредна близина на висококатницата во којашто раководството на концернот работеше до пред неколку месеци, пред да започнат градежните работи.
Шефот Мартин Виктеркорн и неговите колеги во меѓувреме се преселени во една новоградба оддалечена 150 метри од старата висококатница. Пред околу една година исто така имаше случај на сомнеж за заостанати бомби од војната. Но, се покажа дека не се работи за бомба, туку за громобран. Безбедносните служби ќе ги откопаат предметите за две недели, на 27-ми септември, до когашто ќе треба да се евакуираат поголемиот дел од фабриката, градската населба Зандкамп, како и делови од центарот на Волфсбург. Вкупно ќе се евакуираат околу 7.600 жители. Производството на автомобили исто така ќе мирува во текот на денот.
















