Купе теренецот на Баварците им е трн во око на конкурентите. Mercedes преку концептот Coupe SUV најави дека ќе му се спротивстави на BMW, а сега и Porsche ги открива плановите за конкурентот на X6.
Со компактниот теренец Macan не заврши проширувањето на моделската понуда на спортски теренци на Porsche. Наскоро пристигнува уште еден модел, којшто ќе биде базиран на Cayenne и ќе биде еден од седумте нови теренци на концернот Volkswagen. Изгледот на идниот купе теренец на Porsche ќе се раководи повеќе според матичниот дизајн на моделот 911, со цел дополнително да се нагласи неговиот спортски карактер.
Уште неименуваниот модел ќе ја користи платформата од идната генерација на Audi Q7, којашто интерно се води како MLB и ќе биде основа за седумте нови модели на теренци на Volkswagen. Купе теренецот ќе биде дел од третата генерација на Cayenne и ќе се појави една година по него, односно во 2018 година. Дотогаш би требало да се надмине „тесното грло“ во продукцијата на Cayenne, кој продолжува со одличната продажба.
Цената на новиот модел би била околу 15 до 20 проценти над Cayenne. Моторите и моделските изведби ќе бидат исти како во матичниот модел, со верзии GTS, Turbo и Diesel, и со задолжителниот Turbo S како врв во понудата, со мотор V8 со двојно турбонатполнење и моќност од преку 550 КС.
















