за

Сателитите ги откриваат тајните резерви од нафта

резерви од нафта

Фотографии од вселената и наменски софтвер можат да обезбедат податоци што никој не сака да ги открие. Сателитските снимки стануваат се подостапни и попрецизни. Фирма од овој сектор неодамна ја откри големата тајна на Кина. Ниту резерви од нафта не се сокриваат од сателитите.

Аналитичарите на ресурсите со коишто располага светот доживеаја шок откако открија дека стратешките резерви од нафта на Кина лани изнесувале најмалку 87 милиони тони сурова нафта. Светските експерти имаа поинакви сознанија, тие сметаа дека земјата располага само со 56 милиони тони нафта. Оваа разлика можеше да има пресудно влијание врз светскиот пазар на нафта, кадешто мали отстапувања можат да значат заработка или губиток од неколку милијарди долари.

Сателитите го спречија можниот кинески удар врз цената на нафтата

Овој слуај е само еден од примерите дека сателитските снимки со висока резолуција, кога се користат со наменски софтвер, можат да обезбедат изненадувачки сознанија. Вишокот од триесет милиони тони нафта на Кина го откри „Орбитал Инсајт“ од Калифорнија. Фирмата во сопственост на Џејмс Крафорд, поранешен менаџер на Гугл, примени поразличен пристап од вообичаениот. Аналитичарите обично вршат анкети и толкуваат јавно достапни бројки и статистики.

Место тоа, „Орбитал Инсајт“ користеше снимки од вселената за да одреди колкави се резервите од нафта. Огромните резервоари располагаат со покриви коишто пливаат врз нафтата. За да одреди колку нафта содржат овие резервоари, експертите на Крафорд ја мереа сенката што паѓа врз покривите на резерворите. Мошне логично: Кога сенката е поголема, во резервоарите има помалку нафта. Оваа информација вредеше милијарди долари, а Кина остана без стратешката предност во светската трговија со нафта.

Следење резерви од нафта, но и созревање на родот, исполнетост на паркиралиштата…

Многу може да се дознае од сателитите. Сликите од вселената го покажуваат движењето на бродовите, напредокот во изградбата на масивни проекти, созревањето на полињата со пченка. Некои фирми сакаат да ги следат паркиралиштата пред големите трговски центри, за предвреме да добијат информации за одвивањето на прометот. Овие информации потоа се користат при тргувањето на берзите.

Во исто време напредува и техниката, што води кон поевтинување на услугите и нивна достапност до поширок круг корисници. Интересот за сателитските снимки порасна драстично. Во меѓувреме се појавија и приватни компании што се занимаваат со надгледување на земјата од вселената. Нивната предност е во неверојатно високата резолуција. Додека најдобрите сателити нудат снимки со резолуција од десет метри на пиксел, приватниците нудат прегледност од триесет сантиметри на пиксел.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

германски производители на автомобили

И американските судови се острат против германскиот картел

Jaguar XJR575

Jaguar XJR575: Брзински монструм од пакост маскиран во лимузина