Во првата половина од годината, Kia Motors Slovakia произведе близу 160.000 возила, што е зголемување од шест проценти во споредба со ланскиот период. Производствените капацитети за прв пат работат на максимум.
Словачката фабрика на Kia започна со производство на спортскиот компакт pro_ceed во февруари, по што следуваа моќните изведби pro_ceed GT со три и со пет врати. Во исто време фабриката произведе 253.200 бензински и дизелски мотори, што е за седум проценти повеќе отколку во истиот период лани.
Ек-хи Ли, шефот на словачката Kia, изјави: „Иако ситуацијата на некои пазари е доста влошена, европските купувачи и натаму ја ценат понудата на Kia која што нуди врвен квалитет, привлечен изглед и одлична противвредност.“
Во фабриката во Жилина се произведуваат втората генерација на Kia ceed, спортскиот теренец Kia Sportage и миниванот Kia Venga. Во првите шест месеци, Sportage учествува речиси со половина во вкупната продукција на возила во фабриката. На компактот ceed отпаѓаат 42 проценти, додека Kia Venga учествува со 10 проценти. Најголемиот дел од возилата се извезуваат во Русија (24%), Велика Британија (14%), Германија (9%), Франција (5%) и Италија (5%). Еден процент од возилата се продаваат на матичниот пазар.
Во шесте месеци, Kia произведе 133.100 бензински мотори, со најголемо учество на 1.6-литарскиот GDi, како и 120.100 дизелски мотори. Од вкупната продукција на мотори, 47 проценти се испорачани на сестринската фирма Hyundai, која што произведува возила во Чешка.