Продажбата на BMW i во пад откако менаџерите си заминаа за Кина

Подмарката на BMW специјализирана за електричен погон забележа пад од 23 проценти во првото тромесечје, во исто време кога главните менаџери заминаа во новооснованата компанија во Кина.

Продажбата на двата модела на електричната марка на BMW, на компактниот BMW i3 и спортскиот хибрид BMW i8, во првото тромесечје од годинава достигна одвај над 5.000 примероци, што е најлош резултат во близу двете години колку што BMW i постои на пазарот. Според марката од Минхен, падот во продажбата се должел на очекуваното воведување субвенции за електрични автомобили за купувачите во Германија.

Очигледно е дека стратегијата околу подмарката BMW i не се одвива според замислата. Место рапидно обновување и проширување на понудата од специфични модели со електричен погон, Минхен планира во 2018 година само да го „пресече“ покривот на актуелниот i8, а дури во почетокот на следната деценија да го понуди и електричниот iNext со автономна технологија.

Ова драстично отстапување од големите планови се должи и на заминувањето на клучните инженери и менаџери од BMW i, што значително ги ослабна иновациските потенцијали на подмарката. Во почетокот на годинава, Карстен Брајтфелд, прв човек во развојот на BMW i8, Дирк Абендрот, главен инженер за електричниот и хибридниот погон и Хенрик Вендерс, главен продукт-менаџер на BMW i, заминаа во кинеската компанија Future Mobility. Зад новата компанија стои енормен капитал од моќни партнери, меѓу другото Tencent, најголема интернет-компанија во Азија, како и фирмата Foxconn, производител на iPhone, iPad и на сите останати продукти на Apple.

Претходна објаваГратчето покрај Нирбургринг и самото заличи на тркачка патека
Следна објаваMercedes ќе отвора фабрика за мотори во Полска

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here