Технологијата во Ferrari напредува побрзо од моделскиот век. Италијанците развија нови технологии и ги применија во концептниот автомобил 458 Speciale.
Маранело не знае за мирување. Инженерите на спортската марка повторно имаат што да кажат во поглед на моторот, аеродинамиката и контролата на стабилноста. Новитетите се применети во актуелниот 458, кого освежувањето го унапреди во 458 Speciale. Концептниот автомобил ќе има премиера на претстојниот салон во Франкфурт.
Поголемиот дел од софистицираните иновации се применуваат за прв пат во автомобил од сериско производство, вклучувајќи ја активната аеродинамика, која ќе стане стандарден дел кај сите идни модели на Ferrari. Моторот е срце на болидите со знакот на немирното коњче, па тој не можеше да остане непроменет. Со оптимизација на моќноста, инженерите извлекоа 605 КС, со што „најдобриот спортски мотор“ во светскиот избор на мотори на годината е најсилен атмосферски мотор V8 во историјата на марката. Истото важи и за литарската моќност од 135 КС на литар – не постои мотор без турбонатполнење што извлекува повеќе коњски сили од литар работна зафатнина од овој осумцилиндарец на Ferrari.
Благодарение на исклучителниот сооднос од 2,13 килограми по коњска сила, 458 Speciale спринтува до сто за 3,0 секунди, а до двеста за 9,1 секунди. Времето на круг на патеката во Фиорано изнесува 1:23,5 минути.
Ferrari Styling Centre соработуваше со Pininfarina со цел да се постигне уште подобра аеродинамика на каросеријата. Највпечатливите резултати од оваа соработка се подвижните аеро компоненти напред и назад, со кои што се балансира потисокот и се намалува отпорот на воздух, правејќи го 458 Speciale најаеродинамичен автомобил во историјата на марката.
Една од најиновативните ставки во 458 Speciale е системот за контрола на страничното пролизгување, кој има за цел да ја направи возбудата во возењето уште поголема. Системот користи нов алгоритам за контрола на стабилноста, кој што постојано го споредува актуелниот степен на пролизгување со зададениот степен и соодветно го модифицира вртежниот момент, односно неговата распределба на тркалата на задната оска преку електронската симулација на блокада на диференцијал.
Специјално за моделот се изработени гумите Michelin Pilot Sport Cup2, кои исто така придонесуваат за скусување на времето на круг во Фиорано. Со сиве технички модификации кои резултираат со време на реакција од 0,06 секунди и странично забрзување од 1,33 g, ниту сега ниту некогаш во историјата на марката од Маранело не постоел автомобил што е побрз и поагилен од 458 Speciale.