Париз воведува забрана за возење поради прекумерно загадување

Светската метропола се задушува во смог. Загадувањето е далеку од нивото на скопскиот воздух, но и покрај тоа возачите мораат да ги стават своите возила во мирување.

Надлежните власти воведоа забрана за возење поради тоа што Париз веќе неколку денови се задушува во смог. Утре на територијата на градот ќе смат да се возат само автомобили и мотоцикли чијашто регистерска табличка завршува со непарен број. Такво решение донесе владата на синоќешната седница.

Вредностите на загадувањето на воздухот со неразградливи микрочестички (ПМ10) во поширокиот регион на Париз веќе пет денови ги надминуваат дозволените граници. Забраната не важи единствено за возила со електричен или хибриден погон, како и за автомобили во коишто се превезуваат најмалку тројца патници.

Ситуацијата ќе продолжи да се следи и во текот на утрешниот ден. Доколку не се подобри квалитетот на воздухот, забраната ќе остане на важност и во вторник. Во тој случај ќе смеат да се управуваат само возила со парни регистерски таблички. Премиерот Жан-Марк Еро истакнува дека владата е свесна за огромните тешкотии што забраната ќе ги предизвика за вработените лица што патуваат оддалеку, но „оваа дополнителна мера е неопходност.“

Во петокот, концентрацијата на неразградливите микрочестички во градот достигна вредност од 180 микрограми на метар кубен, а дозволени се максимално 80 микрограми ПМ10. Париз повторно воведува забрана по речиси две децении. Француската влада воведе забрана за возење прв пат во 1997 година.

Возачите треба да се префрлат на јавниот сообраќај

За загадувањето со честички ПМ10 се највиновни возилата со дизелски мотори и тешката индустрија. Во регионот на главниот град за време на викендот беше воведено ослободување од купување карта за јавен сообраќај, со цел возачите на автомобили да се поттикнат на користење на јавниот превоз. Слични мери се преземени и во Лион, Бордо, Руен, Гренобл и Леман. Во Париз бесплатно се изнајмуваат велосипеди, а со повластици и автомобили со погон на струја. Исто така се забранува и ложење дрва во камините. Училиштата треба да ги ограничат и активностите на децата на отворено.

Ситуацијата со загадувањето на воздухот во Скопје и во целата држава не е многу поразлична од париската. Во саботата, на територијата на Карпош се регистрирани просечно 106,8 микрограми ПМ10 на метар кубен, додека за Тетово е уште поалармантна ситуацијата со 240,2 микрограми ПМ10. Дозволени се 50 микрограми ПМ10 на метар кубен.

Претходна објаваКои автомобили се најбрзи од 0 до 200 km/h?
Следна објаваТест • Lexus IS 300h F Sport

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here