за

Новата класа B на Mercedes: Дотерана во најситниот детал

Донеодамна единствено Mercedes им нудеше ван на купувачите во премиум сегментот. Откако BMW го претстави Active Tourer, Швабите реагираат со освежување за својот ван од класата В.

Со претставувањето на втората генерација на класата В пред околу три години започна големото обновување на понудата на Mercedes во компакт класата. Ванот со сребрена ѕвезда сега доживува освежување во изгледот, во помошните и мултимедиските системи, во новата варијанта со погон на сите тркала и во пакетите на опрема. Премиерата на фејслифтот на класата В ќе се случи на салонот во Париз, а продажбата ќе стартува кон крајот на ноември. Според германскиот ценовник, новата класа В е неколку стотини евра поскапа од претходната.

Новото моделско годиште на ванот се препознава само во деталите. Напред има нов браник и малку зголемена маска, а дневните светла сега се интегрирани во предните светла. Назад е додадена уште една хромирана лајсна, додека во внатрешноста се среќава централен дисплеј со дијаметар зголемен на 20 сантиметри, преку когошто може да се пристапи и на новата онлајн услуга Connect Me. За прв пат во класата В се нуди можност за доплата за диодни предни светла, како и за пристап без клуч. Некои од системите за асистенција имаат дополнителни функции. Помошниот систем за препознавање замор отсега работи во пошироко брзинско подрачје и ја прикажува концентрацијата на возачот преку петделен графички приказ.

Новитет во понудата на мотори е можноста за комбинирање на погон на сите тркала со дизел моторите. Техниката 4Matic отсега е достапна и за дизелот со 136 КС. Останатата понуда е непроменета и опфаќа по пет бензински и дизелски мотори во дијапазон од 90 до 211 КС, а на европскиот пазар се достапни и верзија со погон на метан, како и електрична верзија со системска моќност од 180 КС. Според соопштението од Mercedes, цената на основниот модел B 180 сега изнесува 27.102 евра на германскиот пазар, што е 270 евра повеќе отколку кај претходникот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Топ 10: Најпродаваните суперавтомобили во Европа

Opel Mokka отсега ќе се произведува и во Европа