Необичните рекорди на електричните автомобили (и малку историја)

Безгласна формула 1, автомобили што се гледаат под микроскоп, џиновски камиони за во рудник … електричните автомобили го збогатија светот на четири тркала. Ова се нивните најголеми достигања.

Светот научи возењето автомобил на струја повеќе да не го поврзува со бавно влечкање и правење застој на пат. Сцената на електричните автомобили се смени драстично од времето на чудните возила како Th!nk, Tazzari Zero или City-EL. Денес ја имаме Tesla Model S, како автомобил на струја што е побрз и подинамичен од повеќето возила со обичен погон. Може и уште побрзо и посилно од тоа. Хрватскиот Rimac Concept One располага со 1.088 КС, коишто електричниот суперавтомобил тежок 1.605 килограми го катапултираат за 2,8 секунди до темпо сто. Крајната брзина од 305 km/h исто така не е за занемарување. Со батерија од 92 kWh, досегот изнесува околу 500 километри.

Rimac Concept One
Rimac Concept One

500 km/h со погон на батерии

Титулата на најбрз автомобил на струја сепак му припаѓа на Venturi 2,5 Buckeye Bullet. Овој проектил на четири тркала на 24-ти август 2010 година псотигна крајна брзина од 495,140 km/h. Во споредба со него, тркачките болиди во Формула Е се како детски играчки. Тие возат на квалификациите со 272 КС, а на трка се можни 250 КС. За престигање има копче коешто краткотрајно ослободува 91 КС. Перформансите се пристојни. Болидите тешки 800 килограми забрзуваат до сто за околу 3 секунди, а крајната брзина е ограничена на 225 km/h.

Venturi 2,5 Buckeye Bullet
Venturi 2,5 Buckeye Bullet

Формула 1 не е толку тивка како што се мисли

Погрешно е верувањето дека брзите електромобили се тркаат без каков било звук. SRT 01E, како што гласи интерната ознака на болидите, ослободуваат 80 децибели. За споредба, обичните автомобили произведуваат окоилу 70 децибели. Звукот доаѓа од погонската спрега, од гумите и од струењето на воздухот. Дополнително се користи и генератор на звук, со цел механичарите да можат да наслушнат кога нивниот тркач се приближува кон боксот. Звукот на електроболидите може да се слушне на http://www.fiaformulae.com/guide/sound.

Formula E
Formula E

Електромобил со големина на милионити дел од милиметар

Најмалечкиот електромобил на светот е толку мал што во него нема место за возач. Досегот исто така не е за фалење. Единствената предност е во тоа што електричното мини има погон на сите тркала. Кои се димензиите? Станува збор за молекула, којашто ја создадоа научници од Цирих. Големината на возилото изнесува четири на два милионити делови од милиметарот. Молекулата има форма на буквата Н. На надолжна органска молекула се споени уште четири молекули, коишто ја вршат функцијата на тркала, вклучувајќи ги електромоторите во истите.

Nano E-Mobil
Nano E-Mobil

Кога минијатурниот врв на електронскиот микроскоп ќе се приближи до молекулата, електроните од микроскопот преоѓаат на молекулата, се апсорбираат во тркалата и на тој начин повторно се полни „батеријата“. Тогаш автомобилот почнува да се движи. Досегот со едно полнење изнесува еден нанометар. НИту работната температура од минус 266 степени Целсиузови не е особено пријатна.

Најголемото електрично возило е кипер со носивост од 500 тони

Од сосема друг калибар е електричниот монструм когошто Siemens го електризираше за еден рударски концерн од Белорусија. Најсилниот кипер на светот е висок колку двокатница и под полно оптоварување тежи преку 800 тони. Киперот има моќ да повлече седум натоварени авиони Airbus A 320, а носивоста му изнесува 500 тони – што е исто колку 350 „голфови“.

BeLAZ Siemens
BeLAZ Siemens

Renault Twizy е долг само 2,34 метри

Возењето е многу попријатно во Volpe. Овој електричен автомобил со крилести врати е долг само 2,2 метри и совозачот седи зад возачот, како во мотоцикл. Volpe се нуди во четири различни изведби: Со 4 kW, дополнително со бензински мотор заради поголема автономија, со 8 и со 12 kW. Најсилната верзија на градскиот автомобил дизајниран во Zagato има и погон на сите тркала. Во споредба со него, Renault Twizy е речиси како луксузна лимузина, со своите 2,34 метри.

Volpe
Volpe

Електричните автомобили денес се водечки возила со алтернативен погон, но така не било секогаш. Историските факти сведочат дека прво се појавени електричните возила, а дури потоа возилата со мотор со внатрешно согорување. Ако се земат во предвид масивните и непрактични автомобили на пареа, коишто биле конструирани уште во 18-от век, уште е почудно кога една марка со ѕвезда упорно тврди дека го има „пронајдено“ автомобилот. Трициклот со електричен погон на Вилијам Аиртон и Џон Пери возел веќе во 1881 година, односно долго пред „патентваген“ на Benz.

Речиси половината од автомобилите биле со погон на струја

Податоците од 1900-та година јасно покажуваат дека работите не биле решени ниту по 14 години од првиот автомобил на Benz. Во тоа време, 40 проценти од сите возила работеле на пареа, 38 проценти имале електричен погон, а само 22 проценти користеле бензин.

Електрична дресина по париските улици

Во истата таа 1881-ва година, по париските улици кружел електричниот автомобил на Густав Труве. Дресината постигнувала брзина од 12 km/h и досег меѓу 14 и 26 километри. Ракувањето сепак било потешко во споредба со возилото на Аиртон и Пери. Првите хибридни автомобили се движеле по улиците долго време пред Toyota Prius, а заслугата за тоа ја има Porsche, со познатиот Lohner-Porsche со електромотори во тркалата.

Римејк на трициклот на Аиртон и Пери
Римејк на трициклот на Аиртон и Пери

Додека првиот електричен автомобил во класична смисла, со четири тркала, го направи крстителното возење, требало да поминат уште седум години. Тоа е возилото Flocken од фабриката за машини во германскиот Кобург. Како и сите други возила, тоа личено на кочија без коњска запрега.

Холивудските ѕвезди ги обожуваа своите електрични автомобили

Првите електрични автомобили не успеаја. Дури еден век подоцна светот повторно се заинтересира за нив, откако почна да се задушува во СО2 и да сфаќа дека зависноста од црното злато може да се надмине. Враќањето на електричните автомобили сепак не се одвиваше толку лесно. Батериите реагираа премногу бавно и беа претешки.

GM EV1
GM EV1

Калифорнија во 1990-те години донесе закони со коишто се форсираше воведувањето на автомобили со нулта емисија на штетни гасови. General Motors тогаш стартуваше со најголемиот проект во историјата на погонот на струја. Во 1996 година започна производството на EV1 (Electrical Vehicle 1), којшто им беше отстапуван на избрани личности, вклучувајќи ги холивудските ѕвезди како Мел Гибсон и Том Хенкс. Вториов беше одушевен од автомобилот со погон на батерии: „Автомобилот има досег од 70 до 80 милји што е сосема доволно за моите потреби.“

Аеродинамичниот EV1 достигнуваше крајна брзина од 129 km/h – секако ограничена електронски. Спринтот до сто траеше помалку од девет секунди. Техниката почитуваше напредни стандарди, како повраток на енергијата при сопирање или можност за вклучување на климатизацијата пред да се седне во возилото. Но, и тоа беше недоволно. По три години, General Motors ги повлече електричните автомобили и го уништи поголемиот дел од нив. Причината беше дека наводно не може да се гарантира долгорочна безбедност на возилата, поради недоволната продукција на резервни делови.

„Кој го уби електричниот автомобил?“

Овој чекор предизвика големи протести, особено кај филмските ѕвезди. Неколку години подоцна беше снимен и филм за EV1. Авторот Крис Пејн во документарниот филм „Кој го уби електричниот автомобил?“ ги открива вистинските причини за уништувањето на возилата. Сосема очекувано, станува збор за притисок од нафтената индустрија.

Lohner-Porsche
Lohner-Porsche

Електромобилите денес повторно се пред ренесанса. BMW разви посебна подмарка „BMW i“, Volkswagen продава Golf со погон на струја како сериски автомобил, а Renault-Nissan го имаат најпродаваниот електричен автомобил во историјата. Целата сцена ја крунисува Tesla Motors, со автомобили што во повеќе подрачја уште се далеку од премиум марките како BMW & Co, но ужива имиџ од когошто профитира целата бранша.

Претходна објаваTesla ги има најзадоволните возачи
Следна објаваOpel ја затвори фабриката во Бохум: Што е следно?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here