за

Најголемите моделски погодоци и утки во 2013 година

Годинава што изминува беше преполна со новитети. Но, не значи дека сé што е ново мора да биде и добро. Во избор на редакцијата на Automedia следат најголемите погодоци и разочарувања меѓу новитетите во годинава.

Погодок број 1: Maserati Ghibli

maserati ghibly

Ghibli е моделот треба да ѝ донесе голем број нови купувачи на италијанската престижна марка. Многумина автомобилски ентузијасти отсекогаш негувале симпатии кон Maserati, но долго време во понудата на марката отсуствуваше модел што ќе биде барем малку поблиску до јавето отколку до соништата. Затоа, Ghibli е вистински погодок со позиционирањето како конкурент на серијата 5 на BMW и на класата Е на Mercedes, но е подеднакво успешен погодок и со стилот што го негува. Ненападен, а сепак шик, таков треба да биде Maserati.

Првите бројки од продажбата што ги објави Maserati ветуваат многу. Ghibli е вистинското освежување за купувачите што сакаат нешто поразлично од традиционалните премиум марки Audi, BMW и Mercedes, но тоа досега не им било понудено.

Погодок број 2: Ford Mustang

ford mustang

Ретко се случува автомобил од САД да биде подеднакво успешен и во Америка и во Европа. Прв пат тоа се случуваше во раните годишта на Chrysler Voyager, односно сé додека не се покажа катастрофално слабата издржливост на американскиот семеен ван. Ford Mustang со сигурност ќе биде вториот автомобил на когошто ќе му успее да се продава одлично од обете страни на Атлантикот.

Купето изгледа како љубов на прв поглед. Дизајнот е убава еволуција на претходната генерација на Mustang, кој и самиот беше успешна реинкарнација на моделот од 1960-те години. Ако европскиот пазар го прифати Mustang како што се очекува, тогаш тој ќе стане американски Porsche 911. Ситуацијата под хаубата исто така е погодена: Четирицилиндарски мотор со турбонатполнење и 300 КС, а за да се спречи граѓанска војна покрај овој мотор се нуди и класичниот петлитарски V8. На тој начин обата континента ќе бидат усреќени. Следната година ќе дознаеме како пазарот ќе го прифати новиот Mustang.

Погодок број 3: Mazda 3

mazda3

Меѓу најдобрите новитети во годината се најде и автомобил што е достапен за поширокиот круг купувачи. Одушевува напредокот што го постигнува Mazda во новите генерации на своите модели. Во поглед на дизајнот, новата Mazda3 е како Mazda6 без задник. Но, таа и натаму изгледа фантастично.

Тоа што го прави автомобилот уште поспецифичен е опирањето на трендовите на даунсајзинг, односно на одземањето на душата на нормалните мотори со смалување на нивната работна зафатнина и компензирање со турбонатполнење. До пред неколку години во браншата важеше правилото: Работната зафатнина може да се замени само со уште повеќе работна зафатнина. Јапонците го испочитуваа ова правило и постигнаа штедливост со воведување нови технологии. Логично, автомобилите треба да напредуваат, не да назадуваат. Mazda3 е еден од ретките автомобили во класата што може да се добијат со дволитарски бензинец без турбонатполнење. Рајтсајзинг место даунсајзинг.

Утка број 1: Jaguar C-X17

jaguar c-x17

Не постои пологична поделба на улогите меѓу марките од онаа во компанијата Jaguar Land Rover. Jaguar произведува луксузни и спортски автомобили, Land Rover ги работи теренците. Сега Jaguar се зафатил самиот да развие компактен спортски теренец и го претстави концептниот автомобил C-X17.

Дали може некој да им каже на оние од развојниот тим дека компанијата веќе нуди таков автомобил. Неговото име е Land Rover, поточно Range Rover. Само кога двете марки го работат тоа што го умеат најдобро, излегуваат одлични модели, како F-Type или Range Rover Sport. Замислете на момент како би изгледало кога F-Type би го носел знакот на Landy, а на хаубата Range Rover Sport би тронувал сребрениот јагуар?

Подобро е Jaguar да ја признае грешката со C-X17 и воопшто да не влегува во авантура со најнепотребниот автомобил на планетава.

Утка број 2: Porsche Macan

porsche macan

Факт е дека престижниот теренец Cayenne со години е најпродаван модел на марката што го благодари своето постоење затоа што цели педесет години ја одржува традицијата на спортското купе 911. Исто така е логично тоа што менаџерите во Цуфенхаузен планираат успехот да го повторат и во сегментот подолу, со помал теренец. Но, тоа што се случува со воведувањето на Macan во моделската понуда не е ништо друго освен ерозија на марката. Дали ќе биде во ред ако Cayenne и Macan се продаваат подобро од 911 и Boxster/Cayman?

Во технички поглед инженерите на Porsche вложија голем напор да го направат Macan поразличен од Audi Q5, но во очите на ентузијастите на марката, Macan секогаш ќе биде само преправен Audi Q5. Porsche за децата да се однесат на училиште и за неделен шопинг? Тоа е веќе премногу.

Прашањето е дали со Macan ќе престане ширењето на Porsche? Веројатно в година стратезите на марката ќе увидат дека постои простор за воведување модел над Audi A3. Не треба многу, доволно е само носот да се подзакоси, покривот да се спушти и да се монтираат огромни тркала – и готово, ете го новиот Porsche.

Утка број 3:  Opel Cascada

opel cascada

Да бидеме искрени, Opel е марка во незавидна ситуација. Во Риселсхајм мака мачат да го одржат бродот на површина. Во такви моменти не се мисли на менување на штофот на клупите или на освежување на бојата. Но, токму тоа се случува сега со Cascada.

Новиот кабриолет е само делот што требаше да се пополни во понудата, но со него нема да се постигнат големи бројки во продажбата. Автомобилот е одличен, во тоа нема сомневање. Тоа е најпогодениот модел на Opel од средната класа. Но, прашањето е кому му треба престижен кабриолет од Opel? Cascada е замена за Astra Twin Top и во исто време се позиционира меѓу Astra и Insignia. Зарем луѓето во маркетингот не можеа да го следат примерот со Volkswagen. Колегите во Волфсбург пред неколку години утврдија дека позиционирањето на Eos меѓу Golf и Passat не функционира. Затоа Volkswagen го врати класичниот Golf Cabrio. Во Opel мислат дека за нив ќе биде поинаку?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Грчката даночна управа ги чешла германските автомобилски марки

Honda ги освојува и облаците