за , ,

Најбрзиот електромобил на светот со премиера во Шангај

Спортскиот автомобил со погон на струја од фирмата Detroit Electric поставува нови стандарди во поглед на перформансите и возните својства во сегментот. За еден час по стартот на продажбата фирмата добила дури 35 нарачки за SP:01.

Со крајната брзина од 249 km/h и забрзувањето од место до 100 за 3,7 секунди, SP:01 е најбрзиот електричен автомобил на светот. Овие перформанси во голем дел произлегуваат од ниската тежина на возилото. Со каросерија изработена од карбон во комбинација со алуминиумска платформа и со тежина на возилото од 1.067 килограми, вклучувајќи ги батериите, електромоторот со моќност од 201 КС нема проблем да обезбеди врвни перформанси.

Со капацитет на батериите од 37 kWh, спортскиот родстер може да извози до 306 километри со полни батерии, според циклусот NEDC. Detroit Electric испорачува со возилото и домашна станица за полнење, на која што батериите се полнат за околу 4 часови. Технологијата за батериите се темели на искуството од нивна примена во хеликоптери и подморници.

Интересна е можноста преостанатата енергија во батериите да се користи за снабдување на домот со електрична енергија, што се овозможува со посебната технологија на станицата за полнење 360 Powerback, развиена од Detroit Electric. Возилото може и самостојно да произведува енергија, затоа што при секое сопирање или возење под инерција, електромоторот дејствува како генератор и ги полни батериите.

Моделот SP:01 е прв автомобил што се појавува под марката Detroit Electric по нејзиното згаснување во 1939 година. Производителот најавува дека до крајот на 2014 година ќе понуди уште два модела со високи перформанси и со погон на струја. Цената на SP:01 на кинескиот пазар, каде што моделот доживува премиера, изнесува 155.000 евра со сите давачки.

Родстерот се произведува во новата фабрика на Detroit Electric во сојузната американска држава Мичиген. Првично е планирана продукција од 2.500 возила годишно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Двотактен мотор ќе воведува револуција

Toyota прави посебен Yaris за Кинезите