Досега ретко имало толку многу новитети во класата на малечките како во претстојната автомобилска пролет. Ги има секакви, од евтини до скапи, од едноставни до трендовски.
На салонот во Женева ќе се појават досега невиден број на новитети во класата на малечките автомобили. Доаѓаат комплетно нова генерација на Mini, фејслифт на Volkswagen Polo, претставување на наследникот на Twingo и на новото трио модели од Citroen, Peugeot и Toyota. Неверојатен број на малечки автомобили ја стартуваат својата моделска кариера во претстојната автомобилска пролет.
Возилата од оваа класа добиваат сé поголемо значење и кај т.н. волуменски марки и кај премиум марките. Иако димензиите се смалуваат и моторите се послаби од порано, голем број на технолошки достигнувања од повисоките класи станаа достапни и кај најмалечките автомобили.

Најдобар пример за тоа е Volkswagen Polo. Само каросеријата остана малечка. На списокот на дополнителна опрема се наоѓа дури и радарски темпомат, а во стандардната опрема по фејслифтот се наоѓаат систем за препознавање замор и мултиколизиски сопирачки, кои самостојно го запираат возилото по судир и спречуваат поголема штета. Продажбата ќе стартува веднаш по премиерата во Женева. Дизајнот остана ист, но затоа е комплетно нова понудата на мотори. Агрегатите покриваат дијапазон на моќност од 60 до 192 КС. Потрошувачката на некои модели е намалена до 21 процент, а цената на моделот не се менува.

Се променија и навиките на купувачите. Според податоците од групацијата BMW, купувачите на Mini нарачуваат повеќе дополнителна опрема во своите возила отколку оние во сериите 1 и 3 на матичната марка BMW. Во новата генерација на Mini има уште повеќе дополнителна опрема за избор, почнувајќи од диодни светла, преку систем за самостојно паркирање, до проекциски дисплеј. Доколку се избере и најсилниот мотор во понудата што покрива дијапазон од 116 до 192 КС, цената на Mini лесно може да пречекори и 40.000 евра. Продажбата на европскиот пазар стартува во април.

Audi докажува дека и од малечките возила може да се очекуваат врвни перформанси. Спортскиот модел S1 располага со 231 КС и постигнува 250 километри на час. Тој ќе ја стартува кариерата во вториот квартал од годинава, со цени коишто на германскиот пазар почнуваат од околу 30.000 евра.

Кај Opel Adam работите исто така напредуваат во правец на уживањето во возење. За тоа ќе се погрижи новиот трицилиндарски мотор со турбонатполнење и моќност од 115 КС. Германците сега воведуваат втора каросериска изведба со којашто дополнително ќе се прошири веќе богатата понуда од бои и форми за најмалечкиот модел на Opel. Во лето ќе почне продажбата на моделската варијанта Rocks, со поголемо растојание од подлогата, каросериски додатоци во стил на теренските возила и платнен панорамски покрив.

За традиционално силната страна на моделите од оваа класа ќе се погрижи новиот Suzuki Celerio. Не постои друг производител што на глобално ниво продава повеќе возила од оваа класа од Suzuki. Јапонскиот специјалист во Женева ќе го претстави Celerio, како наследник на Alto, со малку поголема каросерија и уште поштедливи мотори.
Постои објаснување за тоа што производителите постојано ја прошируваат понудата кај своите најмалечки модели. Во оваа класа е помала заработката од продажбата и исплатливоста на производството може да се постигне само преку зголемување на бројот на произведени возила. Некои од производителите штедат преку заедничко користење на техниката за повеќе модели. Новиот Mini, на пример, својата техника ќе ја позајми за идната генерација на серијата 1 на BMW. Ист е случајот кај концернот Volkswagen, кој за Polo и Audi S1 посегнува по моделите од повисоките класи и на тој начин ги намалува трошоците за производство.
Поради помалата заработка, некои од производителите се решаваат за соработка со други марки. Toyota и француските марки Peugeot и Citroen во оваа пролет ќе ја претстават втората генерација на нивниот заеднички модел. Моделите од триото Aygo, 108 и C1 ќе се разликуваат повеќе во изгледот отколку во претходната генерација.
Јапонско француското трио со заедничка фабрика во чешкиот Колин не е осамен случај на соработка во оваа класа. Mercedes и Renault исто така заеднички го развиваат новото семејство од малечки модели. Првиот плод од оваа соработка ќе го претстават Французите, преку новиот Twingo. Неговата техника ќе ја користи и наследникот на Smart, чија што премиера се очекува налето.

Некои работи мораа да се променат драстично. Заради заедничкото користење на платформата со Smart, новиот Twingo има погон назад. За возврат, зголемувањето на продукцијата преку партнерот Renault им овозможи на Германците да го вратат во понуда моделот со четири врати Forfour, кој ќе биде претставен паралелно со новиот Smart Fortwo.
Производителите им се враќаат на малечките автомобили затоа што во нив ја гледаат единствената преостаната шанса за задржување на продажниот удел на заситениот пазар. Тие целат кон семејствата на кои што овие модели ќе им бидат втори или трети возила во возниот парк. Но, постои и друга причина за наглиот интерес за малечките возила. Волуменските марки како Volkswagen или Opel отсекогаш имале модели во оваа класа. Различно е кај премиум и спортските марки, со големи автомобили со моќни мотори и голема потрошувачка на гориво. Единствено со воведувањето на малечките возила во понудата тие ќе можат да ги задоволат ограничувањата за емисијата на СО2 што ЕУ ги постави за 2015 година.
















