Луис Хамилтон ќе снима биографски филм

луис хамилтон филм

По освојувањето на четвртата шампионска титула во Формула 1, Луис Хамилтон ги најавува своите планови да сними филм за својот живот и за кариерата во кралицата на мотоспортот.

Со четвртата титула на светски шампион во кралицата на мотоспортот, Луис Хамилтон посакува да сними филм за својата вртоглава кариера во Формула 1. Сценариото на идниот филм би се одвивало околу воздигнувањето на Луис од тинејџер во британското гратче Стивенејџ до светска суперѕвезда. Голем дел од приказната би била посветена и на неговото семејство.

Шампионот изјави за британските медиуми дека чувствува обврска да му возврати на својот татко за големиот труд што го има вложено во кариерата на Луис. „Тоа не можам да го постигнам со пари“, додава возачот во тимот на Mercedes. Но, според него, тоа може да се постигне со филм. Британецот засега не посочува кој актер би го пренел неговиот живот на кино-платното.

Луис Хамилтон има постигнато 62 победи во 205 трки

Формула 1 живее од публицитет, од привлекување на што е можно поголемо внимание. Во минатите години беа снимени неколку филмови за Формула 1. Документарецот за вечната легенда Аиртон Сена допре до публиката и ги наполни касите на продуцентите, исто како и филмот „Rush“, во когошто се прикажува соперништвото меѓу Ники Лауда и Џејмс Хант во златната ера на Ф1.

Најважната тркачка серија во светот во секој случај ќе има голема корист од снимањето на филмот, исто како од секоја порака што Луис ја објавува на социјалните мрежи и секое негово појавување во јавноста воопшто.

Претходна објаваАвстриска марка продава електричен скутер за 2000 евра
Следна објаваПланот за спас на Opel: Пациентот мора да слабее

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here