за

Лимитирана серија на Ferrari за заминувањето на Монтеземоло

Како основа за лимитираната серија веројатно ќе се користи F12 Berlinetta

Шефот во заминување Монтеземоло ќе претстави моделска серија на Ferrari лимитирана на 10 примероци и наменета само за пазарот во САД, пред неговата функција да ја преземе Маркијоне.

Последното јавно појавување на Лука Кордедо ди Монтеземоло во функција на шеф на Ferrari ќе биде претставување на лимитирана моделска серија наменета само за американскиот пазар. Ferrari ќе произведе само 10 примероци од овој специјален модел, по цена од 2,5 милиони евра. Моделот ќе биде лакиран во сини и бели ленти, во бои што северноамериканскиот тркачки тим го користеше на своите болиди во периодот од 1960 до 1980-те години.

Специјалниот модел ќе биде претставен на 12-ти октомври на гала вечера за одбележување на 60-годишнината на Ferrari во САД. Веќе следниот ден Монтеземоло ќе ја напушти функцијата на претседател на Ferrari по 23 години и неговото место ќе го преземе првиот човек на Fiat Chrysler, Серџо Маркијоне. Шефот во заминување се откажа од неговата функција по несогласувањата со Маркијоне околу зголемувањето на продажбата на Ferrari. Монтеземоло стравува дека ова зголемување ќе го уништи имиџот на ексклузивност на италијанската марка суперавтомобили.

Од Маранело не откриваат детали околу моделот, но се претпоставува дека основа на специјалната серија ќе биде F12 Berlinetta со мотор V12 со 740 КС, со посебно изведена каросерија и ентериер. Северноамериканскиот тркачки тим (NART) е основан од поранешниот тркач Луиџи Кинети со цел да ја промовира марката Ferrari во САД преку учество на трки во издржливост. По повлекувањето од трките, Кинети стана прв дилер на Ferrari во САД. Од основањето во 1958 година до последната трка во 1982 година, NART учествуваше на преку 200 трки, со повеќе од 100 возачи, меѓу кои најпознати се Марио Андрети и Фил Хил.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Наследниците на фамилијата Пежо се враќаат на производство на мелници за бибер

Audi TT наскоро и во кросовер изведба