Белите регистерски таблички во Кина се резервирани за војската. Во последно време овие таблички се појавуваат на многу скапи лимузини. Народот се побуни.
Кинеската војска е под силна критика. Иако првиот човек на државата и на партијата, Кси Јинпинг вети смалување на трошоците, на интернет постојано се појавуваат фотографии од луксузни лимузини со белите регистерски таблички кои директно укажуваат на војската. Државата реагира. До 1-ви мај ќе се заменуваат регистерските таблички на сите воени возила. Автомобили од марките како Mercedes-Benz, BMW, или Porsche повеќе нема да можат да добијат воени регистрации.
Експертите се сомневаат дали ова решение ќе помогне да се надмине проблемот. Во последните неколку децении, луксузните возила беа забранувани барем петпати, но секогаш се појавуваа одново. Професор на реномираната кинеска академија за социјални науки поднесе судско обвинение против војниците што сакаат да уживаат во луксуз. Според професорот, војската заработува од сивиот бизнис со белите регистерски таблички. Овие возила се изнајмуваат за околу 100.000 евра годишно на луѓе од бизнис сферата. Преку овие возила, бизнисмените оддаваат впечаток дека негуваат добри врски со војската.
Но, имиџот на возилата со бели таблички ги привлекува и другите народни слоеви. Во минатиот месец кинеските медиуми пишуваа дека ѕвездата од акционите филмови, Џеки Чен, се вози низ Пекинг со автомобил на војската. На тоа следуваа остри критики во медиумите. Ваквите парадирања може сега да станат дел од минатото.