за

Како да го продадете возилото

Користените возила денес се продаваат преку интернет. Но, често се греши при претставувањето на возилото. Следете ги нашите совети.

Возилото изгледа најдобро кога се слика од косо од возачката страна. Завртете ги тркалата надесно

Сликата заменува илјада зборови. Подвижните слики уште подобро. Кој располага со камера, може да го сними возилото, да ја закачи снимката на YouTube и да ја стави адресата во огласот. Возилото ќе се продаде за изненадувачки кусо време. Но, може и со помалку мака. Доволно е да се следат само неколку совети.

Првиот впечаток е најважен. Тоа важи и при претставувањето на возилото во огласите. Преку сликите се стекнува впечаток дали се работи за добро сочувано возило или за крш. Но, и првиот впечаток може да лаже. Ако возилото се слика набрзина и се постават лоши слики, дури и добрите користени возила изгледаат невпечатливо, а со тоа се намалуваат шансите за продажба и вредноста.

Добрите слики се основа на добрата продажба. Огромна е понудата на користени возила и единствен начин сопственото возило да се издвои од другите е да се посвети внимание при сликањето. Ако возилото изгледа добро однадвор, тогаш мора и техниката да е во ред, тоа е последувателниот заклучок на заинтересираните купувачи.

Долгиот опис на возилото е бескорисен ако сликите се лоши. За тоа сепак не е потребна помош од професионалец. Најважна е подготовката. Возилото мора да е чисто, однатре и однадвор. За добар впечаток треба да се отстранат сите предмети од преградите, исто како и налепниците и други лични печати. Кога ги гледаат сликите, заинтересираните купувачи треба да си замислат дека тие веќе седат зад воланот.

За сликањето треба да се најде празен простор, најдобро на празен паркинг пред некој супермаркет. Во тој случај заднината не го одвлекува вниманието. Најдобри слики се прават денски при облачно време. На директно сонце има премногу рефлексии од лакот, големи сенки и силни контрасти.

Оддалеченоста треба да е меѓу осум и десет метри, односно две должини на возило. Ако возилото е преблизу, тоа ќе изгледа како јајце. Најубавата страна за сликање е косо од возачката страна. Тркалата треба да се свртени во десно, за да се истакнат бандажите. Зумот треба да е наместен за автомобилот да ја исполни сликата.

Втората слика треба да е од задната десна страна. Овие две слики се доволни да се прикаже возилото, затоа што се гледаат сите четири страни на возилото. Дополнителните слики може да бидат отстрана, директно од напред, од внатрешноста, како и од деловите од опремата на кои што сака да посочи продавачот.

Подобро е направат повеќе фотографии и потоа на компјутер да се изберат најдобрите, отколку да има премалку. Препорачливо е на компјутер да се избришат регистерските ознаки на возилото.

Пет совети за добар оглас

Одредете ја вредноста на возилото: Направете споредба со другите возила, со нивната состојба, километража и опрема

Детално опишете го возилото: Најважните ставки од опремата се на прво место, на пример ксенонски светла, сончев покрив итн. Наведете ја и сериската опрема: Централна брава со далчинска команда, електрика на прозорци

Наведете го сервисирањето на возилото: Дали тоа е во овластен сервис, во редовни интервали, наведете ја и последната сервисна интервенција, како и цената на сервисирањето

Опишете ги недостатоците: Купувачот во секој случај ќе ги види и самиот

Исчистете го возилото и сликајте го: Подобро премногу отколку премалку слики, следете ги советите

Во огласите има многу апсурдни ситуации!

Голф Кабриолет се продава во лето, а возилото е прикажано на ливада со снег. Заклучокот е дека никој не го сака возилото. Во друг случај се гледаат извалканите патосници. Ако сопственикот не се грижи за чистотата, ништо подобро не е и со техниката. На некои слики, возилото е пред гаража. Тоа можеби открива дека се работи за семеен човек, но на заинтересираниот купувач му изгледа повеќе дека возилото долго време стоело во гаража. Вреди човек да се помачи малку повеќе, затоа што трудот секогаш се исплатува.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На лагата и се куси нозете

Историјата на Mercedes на штанд од половина хектар