за

Кабелот го презеде и управувањето

Управувањето сé уште користи механичка врска како пред 100 години. Марката Infiniti излегува на пазарот со модел кој има чисто електронско управување. Традиционалистите се скептични.

Малку работи останаа непроменети во автомобилите со напредокот на технологијата. Управувањето е следното подрачје во кое што ќе се случуваат темелни промени. Принципот на управувањето е ист како пред сто години. Меѓу воланот и тркалата постои механичка врска. Вртењето на воланот се пренесува до тркалата преку управувачки столб и управувачки преносник, со посредство на хидраулилно или електрично серво, кое што го смалува напорот за вртење на воланот.

Infiniti Q50 е првиот сериски автомобил со целосно електронско управување
Infiniti Q50 е првиот сериски автомобил со целосно електронско управување

За Infiniti, механичката врска во управувањето е застарена техника. Престижната марка на Nissan уште летово ќе стартува со продажба на моделот Q50, како прво сериско возило со комплетно електронско управување. Infiniti го нарекува системот Direct Adaptive Steering, односно директно приспособливо управување.

Техничарите на марката се особено импресионирани од директното чувство кое што го посредува електронското управување. Следна предност на управувањето преку кабел, односно на технологијата Steer-by-Wire, е можноста возачот да ги избира параметрите на управувањето, како преносниот однос или интензитетот на сервоподдршката.

Секој може да го дотера управувањето по желба

Возачот сам избира какво чувство ќе има при управувањето и возењето, независно од подлогата. Со управувањето преку кабел се спречуваат и вибрациите кои што се пренесуваат од подвозјето. Овие предности во принцип ги нудат и електричните сервоуправувања, исто како и преносниот однос кој што се менува според брзината на возење.

Електронските системи им отвораат на техничарите нови можности и во системите за асистенција. Техниката како асистентот за следење на лентата или самостојното паркирање може да се поврзе директно со сервоуправувањето. Покрај тоа, држењето правец при возење по автопат може да се подобри со користење на камери.

Електрониката заштедува повеќе простор

Целосното електронско управување заштедува простор, со што се отвораат нови можности за оптимално искористување на просторот во кабината, исто како и за нови функционални можности. Во иднина може да се појават и волани кои што се преклопуваат нагоре заради олеснување на пристапот за возачот.

Но, електронските системи имаат и многу противници. Во возењето е непријатно чувството кога преку управувањето не се добива потребната повратна информација за контактот меѓу гумите и асфалтот, односно возачот не може да почувствува дали тркалата веќе почнуваат да пролизгуваат. Кај целосно електронската варијанта на управувањето, оваа повратна информација ќе биде сведена на нула, односно возачот ќе почувствува дека нема директен контакт со асфалтот.

Електронското управување често пати е користено во концептните и студиски возила. На салонот во Токио во 2003 година, Mercedes го претстави концептното возило F 500 Mind, кое што место управувачки столб имаше кабел за пренос на информациите. Овалната форма на воланот потсеќаше на управувачот во авионите, каде што управувањето преку кабел се има одомаќено веќе подолго време. Audi исто така користеше кабел во A2 Concept, од салонот во Франкфурт во 2011 година. Како дополнителна предност на системот се наведуваше поголемата безбедност, поради отсуството на управувачки столб.

Механичката врска е задолжителна кај сериските возила

Кај сериските возила владеат други правила. Возачот мора да е во состојба да ги контролира сите системи за асистенција по механички пат, а тука спаѓа и електронското управување. Поради тоа, Infiniti Q50 поседува спојка, која што при откажување на електрониката повторно воспоставува механичка врска меѓу воланот и тркалата.

Традиционалистите можат да здивнат. Додека техниката на Infiniti се пробие на пазарот, ќе поминат уште многу години. Мора да се работи и на довербата на возачите. Многумина заинтересирани купувачи би се откажале од возилото откако ќе дознаат дека електрониката го пренесува вртењето на воланот до тркалата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најдобри возила за такси според експертите

Тест · Hyundai Santa Fe 2.2 CRDi Elite