Експерименталното возило на фирмата Edison 2 изгледа како спој на тркачки болид со вселенски брод, исклучително е лесно, има врвна аеродинамика – само нема кој да го произведе.
Инженерската фирма Edison 2 од американската сојузна држава Вирџинија повеќе години изработува прототипи на автомобили, истражувајќи необични пристапи во конструкцијата, со цел да се постигне намалување на потрошувачката. Последниот модел ја носи ознаката Edison VLC 4.0, при што кратенката VLC означува Very Light Car, односно ултралесно возило. Edison го прикажа возилото неодамна на една манифестација во музејот на Хенри Форд во Дирборн. Со изгледот возилото може да се појави во секој филм од научната фантастика. Секако дека фирмата повеќе сака возилото што поскоро да стане дел од реалноста.
Шефовите на Edison 2 се убедени дека нивното возило ќе предизвика длабоки промени во индустријата. Пред неколку години шефот Оливер Кутнер се откажа од учеството во проектот Automotive X-Prize, во кој што кандидатите за наградата од 10 милиони долари требаше да конструираат возило за секој ден, со потрошувачка пониска од 2,3 литри и со можност за производство во голема серија.
Пред три години Кутнер разви возило што ги исполни овие критериуми, заедно со уште едно возило, и доби половина од наградата, односно 5 милиони долари. Кутнер ги инвестираше овие пари во усовршување на возилото. Каросеријата порасна, но се задржаа ниската тежина и одличната аеродинамичност. Edison 2 не користи скапи материјали и сложени конструкции. VLC 4.0 нема ниту еден грам карбон и изработена е само од алуминиум и челик. Каросеријата тежи 500 килограми.

Техничкиот новитет на двоседот е водењето и амортизацијата на тркалата. Пружините, амортизерите и сопирачките дискови се интегрирани во целина и се доволно компактни да се вградат во самиот бандаж. На тој начин се смалуваат тежината и осцилирачките маси. Недостаток е тоа што тркалата мора да бидат релативно големи, а тесни, за сложеното водење на тркалата да може да се интрегрира.

Како погон за VLC 4.0 служи бензински мотор, но може да се изведе и хибриден погон или погон на струја. Кутнер повеќе го цени класичното решение со бензински мотор, затоа што во тој случај нема потреба од скапи и тешки батерии. За погон е доволен мотор од 250 сантиметри кубни. Благодарение на ниската тежина и исклучително нискиот коефициент на отпор на воздух од 0,16, на VLC 4.0 му се потребни само шест коњски сили за да вози со постојано темпо од 100 километри на час.
Фирмата се надева дека големите производители ќе се заинтересираат за возилото, особено за иновативното водење на тркалата. Edison 2 не планира самостојно да се впушти во сериско производство, иако тоа е сосема изводливо. При годишна продукција од 10.000 примероци, возилото со малечок бензинец би чинело околу 20.000 долари.