Со изгаснати светла, на пат без обележана линија, среде пустина. Така Ford ја тестира зрелоста на технологијата за автономно возење, во услови на апсолутен мрак.
Светот на четири тркала напредува сé побрзо во правец на автономното возење. Претходно објавивме за можностите за самостојно управување што пристигаат во новиот Mercedes E-Class и веќе се реалност во сериското производство на автомобили. Без разлика колку на некого му се чини неверојатно дека денешните автомобили веќе се во состојба да го заменат или да му помогнат на возачот во различни ситуации и услови, сега пристига уште еден доказ од Ford, кој уверува во иднината на автономното возење.

Најголемиот проблем за техничарите во поглед на автономните возила досега беше возењето по пат без јасно обележана линија и во ноќни услови. Проблемот е решен и Ford го докажа тоа со тестот спроведен во американската пустина во апсолутна темница. Зошто на Ford му беше важно да ја докаже способноста на технологијата самостојно да управува со возилото ноќе? Според истражувањата на американскиот институт за безбедност на патиштата, ноќе се случуваат трипати повеќе сообраќајни незгоди со кобни последици, отколку дење. Кога на технологијата ќе ѝ се препушти да управува самостојно и интелигентно, ќе се подобри и безбедноста во возењето.
Скенирање на средината околу возилото по 2,8 милиони пати секоја секунда
За ориентација по затворената патека за тестирање на компанијата во пустината во Аризона, Ford Fusion се служеше со лидарски сензори и соодветен софтвер. Станува збор за напредна генерација ласерски сензори, коишто ја скенираат средината 2,8 милиони пати во една секунда. Инфрацрвените ласерски зраци скенираат на растојание до 200 метри пред возилото, по што софрверот изработува виртуелна тридимензионална карта со детален дигитален приказ на средината околу возилото.
Предноста на оваа технологија е во тоа што со „лидарот“, на автономните возила не им е потребна ниту дневна светлина, ниту дополнителни информации од камери или јасно обележана линија на патот за самостојно да се движат. Автономното возило се ориентира дополнително со споредување во реално време на импулсите од лидарот со податоците од тридимензионална карта со висока резолуција и со податоците од радарот во возилото.
Инженерите на Ford однадвор го следеа необичното тестирање со очила за ноќно гледање, но најсилни впечатоци имаат патниците во возилото. „Внатре можев да почувствувам дека возилото се движи, но кога ќе погледнев низ прозорецот, гледав само темнина,“ раскажува еден од инженерите. Тестирањето минало успешно, меѓу другото и со способноста на Ford Fusion да управува прецизно и по кривулест пат.
Ford планира до крајот на годинава за трипати да го зголеми бројот на автономни возила во својот возен парк, што значи дека најмалку триесет „самовозечки“ примероци од Ford Fusion Hybrid ќе се движат по патиштата низ Калифорнија, Аризона и Мичиген.
















