Електричните автомобили ќе мора да учествуваат со одреден процент во продукцијата на автомобилските марки. Во ЕУ се размислува од 2025 година да се воведе оваа мера што наскоро ќе стартува во Кина. Тоа ќе ги поттикне производителите повеќе да се залагаат за електрични автомобили.
Комисијата на ЕУ планира да воведе одредена квота електрични автомобили што производителите ќе мораат да ја исполнат. Квотата би почнала да се применува во 2025 година.
Почитувањето на минимумот електрични автомобили што мора да се произведат ќе биде дел од мерките што Брисел ќе ги претстави до крајот на годинава. Покрај минималната квота, ЕУ ќе бара да се постават и построги гранични вредности за емисијата на СО2. Уште не е утврдено колкава би била квотата, односно минималниот процент на автомобили со нулта емисија на штетни материи во продукцијата на одделните автомобилски марки.
Продажбата на електрични автомобили на европскиот пазар не ја достигнува посакуваната динамика од страна на политиката. Неопходни се дополнителни инструменти што ќе ја поттикнат продажбата. Квотата за електрични автомобили може да биде мошне ефикасна во тој поглед.
Производство на електрични автомобили под притисок од политиката
Кина уште наесен може да започне со примена на задолжителната квота автомобили со нулта емисија на штетни материи. На најголемиот пазар за автомобили во светот ќе се користи систем на кредитни поени. Колку е пониска емисијата на штетни материи од продадените автомобили, толку повеќе поени освојува производителот. Доколку не ја исполни минималната квота, секој производител ќе може да ги откупи потребните поени од конкурентските производители.
Моментно во Европа се води жестока дебата околу иднината на автомобилите, којашто сосема разбирливо доживува кулминација во Германија, како најголем пазар и најголем производител на автомобили на европска почва. Брзото преоѓање на електричниот погон ќе зададе силен удар за гигантската индустрија којашто е ориентирана на класичниот погон, особено на дизел моторите. Теориите дека електричните автомобили загадуваат повеќе, затоа што струјата се произведува од фосилни горива, не е ништо друго освен одбранбен став на браншата.
















