за

Ексклузивно · Peugeot 308 може да го наследи само нов Peugeot 308

Новиот Peugeot 308
Новиот Peugeot 308

Пријатно изненадување од Peugeot. Четири месеци пред салонската премиера, Французите ни го прикажуваат новиот компакт.  Името остана, се друго е ново.

Многу работи се случуваат во Peugeot. Штотуку помисливме дека ќе настане барем кус период за здивнување, по најавите за старт на легендарната Пајкс Пик во Колорадо и по еуфоричните изјави на шампионот Себастијан Леб по првото возење на Peugeot 208 T16 Pikes Peak, веќе доаѓа следната сензација од марката со лавот. Peugeot има нов 308! Познавачите на традицијата на марката можеби ќе бидат збунети од тоа што новиот модел ја носи истата ознака како претходникот, но вистинските познавачи добро ја знаат причината. Наследникот не ја носи ознаката 309 затоа што во 1980-те години Peugeot веќе имаше таков модел, кој беше развиен во соработка со Talbot, односно со Chrysler, кој тогаш беше партнер со Американците… Долга е историјата, поважна ни е сегашноста.

Овој 308 изгледа самоуверено, модерно, со јасни линии на каросеријата и ја користи новата платформа EMP2, која што овозможи тежината на возилото да се смали до 140 килограми. Кокпитот е развиен да обезбеди чувство на просторност и отстапува од класичната шема. Во ера на iPhone и сличните „ајови“, нормално е што Peugeot го нарекува свежо конципираното работно место на возачот i-Cockpit.

Со должина од 4,25 метри и висина од 1,46 метар, со рационално искористување на просторот во кабината и со вонсериска големина на багажник од 470 литри, компактниот Peugeot поентира таму каде што купувачите очекуваат најмногу.

Французите ја задржуваат широкоградоста и кога станува збор за опременоста на новиот модел. Впечатливите предни светла со светлечки диоди се стандард во повисоките нивоа на опрема, и секако, достапни се како опција во пониските нивоа. Играта со светлата продолжува и назад, каде што со светлечките диоди симулираат изглед на мачја шепа со трите светлечки елементи.

Новиот i-Cockpit ветува ново чувство на комфор во возењето. Неговата форма цели на интуитивно доживување на возењето, со компактен волан и високо поставени инструменти, за подобра прегледност, по пример на концептот што беше воведен со помалиот Peugeot 208. На врвот на високата и елегантна средишна конзола е сместен екран на допир со пречник од 9,7 инчи. Овој монитор опфаќа повеќе функции од класичните аудио системи, односно преку него може да се контролираат и функциите во самото возило. Впечатливо е тоа што дизајнерите го имаат сведено бројот на прекинувачи на минумим, со идеја да се воспостави рамнотежа меѓу технологијата и едноставноста на ракувањето.

Смалувањето на тежината до 140 килограми, повеќе отколку кај актуелниот VW Golf, нси придобивки во поглед на возливоста, комфорот, но секако и во поглед на потрошувачката на гориво и еколошката подносливост. Најштедливата верзија на Peugeot 308, опремена со напредниот систем старт-стоп, што Французите го водат како микро хибрид, ќе испушта само 85 грами СО2 на километар,што значи дека потрошувачката на гориво ќе биде далеку под 4 литри според фабричките норми.

Peugeot продолжува самоуверено во реализацијата на планот да се позиционира како премиум марка на пазарот и се поверојатно е дека тоа може да се случи веќе со следниот модел на марката од повисоките класи. За новиот 308 се ветува првокласен квалитет и избор на материјали, како и педантна завршна изработка.

Производството на францускиот компакт ќе се одвива во фабриката Сошо, во близина на Париз. Сите погонски групи ќе се испорачуваат од фабриките Тремери и Дуврен, исто така во Франција. Премиерата на новиот 308 ќе се одржи на 10-ти септември на салонот во Франкфурт, а веднаш потоа ќе стартува и продажбата во Европа.

[nggallery id=50]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погонот на струја бара спас во гасните турбини

Продолжува рекордната продажба на BMW