
Италијанците постигнаа вистински погодок со кросоверот 500X. Со нетрпение се чека стартот на нарачките. За посигурните купувачи да си обезбедат примерок, Fiat ја понуди оваа ексклузивна серија.
Fiat го има моделот што ќе предизвика големо размешување на картите меѓу играчите во сегментот на мини кросоверите. Реакцијата по премиерата на 500X на салонот во Париз беше крајно позитивна, единственото прашање на потенцијалните купувачи не беше „колку“, туку „кога“. Куќата од Торино сепак умее одлично да се справи со вакви ситуации. На 2.000 купувачи што се подготвени да платат повеќе за да си обезбедат примерок од Fiat 500X, откако ќе почне навалицата во европските салони од стартот на следната година, Италијанците им ја нудат ексклузивната серија 500X Opening Edition, со највисокото ниво на опрема и најсилните мотори.

Верзиите со преден погон се достапни само во кремаста боја на каросеријата, стандардно опремени со автоматски клима уред, алу-бандажи од 18 инчи, пакет безбедносни системи (следење лента, самостојно запирање при опасност од судир), камера за рикверц, пристап и стартување без клуч, затемнети задни прозорци, и секако, амблем Opening Edition. Верзијата со погон 4х4 има три слоеви црвена боја на каросеријата, деветстепен автоматски менувач, навигација, кожен ентериер во две бои, автоматика на светла и бришачи, електрично собирање на ретровизори и електрохроматски внатрешен ретровизор.
Цената на моделот 1.4 Turbo MultiAir во Италија изнесува 21.900 евра, додека најскапиот модел е 2.0 MultiJet II 4×4 со 30.650 евра. Спорeд Fiat, опремата што е вградена стандардно во Opening Edition вреди 3.500 евра повеќе отколку што наплаќаат Италијанците. Секако дека двете илјади среќници ќе ги добијат своите примероци од Fiat 500X пред сите други, така што за оваа ексклузивност многумина се подготвени да платат и повеќе.















