за

Дрвото е новиот материјал на иднината за автомобилите

Дрвото во возилата се користи за облагородување на ентериерот или како евтин материјал за едноставни делови. Техничарите сега гледаат голема иднина во дрвото како конструктивен материјал кој го дополнува челикот.

Кога Готлиб Дајмлер го конструираше првиот автомобил на светот во 1885 година, дрвото беше основен материјал за изработка на возилата. Денес челикот е материјалот што доминира како конструктивен материјал. Но, дрвото може наскоро да доживее ренесанса, како дополнување на челикот.

Инженерите експериментираат со дрвото во носечката структура на возилото, односно во подрачјето каде што најчесто се користи челикот. Тоа што му дава нова шанса на дрвото е неговата обновливост, но и искуството на индустријата во работата со овој материјал.

Експериментирањето со дрвото штотуку почнува. Примената е ограничена, но поради предностите што ги нуди дрвото вреди да се проба
Експериментирањето со дрвото штотуку почнува. Примената е ограничена, но поради предностите што ги нуди дрвото вреди да се проба

Индустријата има потреба од нови материјали повеќе од кога било досега. Кога се појави првиот Golf, тој тежеше само 800 килограми. Денешниот Golf од седмата генерација е најмалку 50 проценти потежок. Техниката, безбедноста и луксузот им додадоа прекумерен баласт на автомобилите, и тоа, во времиња кога се бара тие да имаат колку е можно пониска емисија на штетни гасови и пониска потрошувачка на гориво. Автомобилите мора да ослабат.

Актуелна техника за смалување на тежината на возилата е топлата деформација на челична ламарина со висока цврстина, која овозможува добивање на каросериски делови со различна дебелина, односно помала дебелина таму каде што делот е помалку оптоварен и соодветно поголема дебелина на повеќе оптоварените места. На тој начин се олеснува каросеријата. Челикот доаѓа од гигантите како ArcelorMittal или ThyssenKrupp. На овој материјал наскоро ќе му се придружи буковото дрво.

Повеќе фирми работат на овој проект. Прво се експериментира со делови за кои што може да се користи дрвото. Освен за облоги во кабината, дрвото може да се користи и за праговите или како заштита од страничен удар во вратите. Предизвикот е со користење на делови од дрво и лепило да се постигне структура која што ја има потребната цврстина и ја апсорбира енергијата на ударот.

Тоа што за металот е корозија, за дрвото е трулење. Секако дека постојат ефикасни постапки за импрегнирање на дрвото, но тоа го поскапува материјалот и ја доведува во прашање неговата исплатливост. Затоа, пак, обновливоста останува голема предност на дрвото.

Буковите шуми ги има во изобилство. Покрај тоа, дрвото може да се користи и по крајот на експлоатацискиот век на автомобилот, за рециклирање или како огревен материјал. Светот се ослободува од нафтата како главен енергенс. Но, за поголема прифатеност на автомобилите со погон на струја, прво мора да се надмине проблемот со малата автономија на батериите.

Од друга страна, батериите се тешки, го прават возилото на струја потешко од возилата со обичен погон. Поголема автономија може да се постигне само со поголеми батерии, а тоа повторно води кон зголемување на тежината. Маѓепсан круг. Затоа, индустријата гледа излез во олеснување на возилата, со користење на алуминиум, па дури и карбон.

Додека алуминиумот и челикот дозволуваат нивно претопување и рециклирање, тоа не е случај со карбонот. Со класичните постапки на рециклирање, карбонот може само да се уништи.

Концерните сепак не мора да стравуваат дека дрвото ќе ги замени нивните челици. Постои шанса еуфоријата со дрвото да згасне за кусо време, откако ќе се утврди ограничената применливост на материјалот во производството на автомобили. Проектот е сé уште во почетна фаза, но поради предностите што ги нуди дрвото сепак вреди да се проба. Во секој случај, дрвото може да се користи како појдовен материјал во разни апликации. Лигнинот, како составен дел на дрвото, е неограничено применлив при изработката на карбонски влакна, како алтернатива за нафтата која што моментно се користи и за таа цел.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Јапонските марки се вратија во игра

Skoda го победи Mercedes во споредбен тест на Auto Bild