за

Двобојни автомобили се во тренд

Во почетокот автомобилите беа црни, потоа беа бојадисани како бомбони, а последни беа во мода мат лаковите. Сега се на ред двобојните каросерии.

Во последно време се забележува дека се повеќе марки ги нудат своите модели во двобојни каросерии. Покривот, ретровизорите или хаубата се лакирани во контрастна боја во однос на каросеријата и на тој начин се постигнува повпечатлива појава. Повеќето купувачи и натаму ги избираат класичните бои: Сребрената, црната и белата. Дали се работи за маркетиншки трик или ова веќе прераснува во тренд?

Автомобилот што во моментов е во центарот на вниманието на браншата, електромобилот BMW i3, воведува нов пристап во повеќе подрачја: Погон на струја, екстремно лесна градба со примена на карбон за каросеријата, минималистички кокпит – и двобојна каросерија. Хаубата, покривот и задниот капак се лакирани во црна боја, во контраст со основната боја на каросеријата.

На овој начин BMW сака да нагласи дека станува збор за различен автомобил, за возило што се разликува од другите. Со тоа Баварците се приклучуваат во списокот на двобојни автомобили што се чини дека е бескраен: Smart, Mini Paceman, Opel Adam, Citroеn DS3, Fiat 500L, Renault Captur, Suzuki Swift… двобојната каросерија кај овие модели се добива со доплата или во специјалните серии. Но, трендот не е нов. Во 1930-те години имаше многу возила со крила лакирани во црно, а триесетина години подоцна со двобојни каросерии се појавија и Mini, Citroen DS, но и сериозни лимузини како Ford Taunus или Opel Kapitаn.

Производителите тврдат дека на овој начин излегуваат во пресрет на барањата на купувачите. Но, пазарните статистики покажуваат поинаку. Секој трет автомобил има каросерија во црна или сребрена и сива боја, а потоа следи белата боја. Тоа укажува дека не се работи за тренд, туку за маркетиншки трик. Дали тој ќе успее, ќе покаже времето.

Како пример може да послужи Opel Adam. Тој внесува свежина во конзервативниот имиџ на марката, меѓу другото и со двобојната каросерија. Две третини од продажбата на Adam отпаѓаат на возила со двобојна каросерија, а исто толкаво учество постигнува и Mini, кој се нуди со покрив во контрастна боја. Слична е ситуацијата со Citroen DS3, кого купувачите во Европа најчесто го нарачуваат во црвено бела комбинација, додека кај Opel Adam најчесто се комбинираат црвената и црната.

Мудрите купувачи ќе се прашаат: Како после ќе го продадам автомобилот? Одговорот е: Веројатно поскапо. Купувачите сакаат автомобили што се издвојуваат од масата и ќе платат повеќе за нив. По правило, двобојните каросерии се нудат за поскапите и поопремени модели, кои помалку губат од вредноста. Пример за тоа е Mini Cooper, чија што вредност на пазарот на користени возила е поголема отколку на основниот модел.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Land Rover Defender заминува во пензија по 67 години

Две класи по иста цена: Fiat Panda против Opel Corsa