за

Внимателно во есен: Лисјата и калта се лизгави како снег

Есенското време им создава непријатни ситуации на возачите. Најопасно е кога тркалата ќе почнат да лизгаат на лисјата на асфалтот или на калта што останува по дождот.

Калта на асфалтот може да се очекува на местата на кои што се поправа патот или на вклучувањата од полињата. Притоа возачите често пати забораваат дека калта е лизгава слично како снегот и возат пребрзо.

Лисја: Пулсирањето на педалот при посилно сопирање и тропањето од системот против блокирање на тркалата е знак дека патот е лизгав. Во тој случај треба да се реагира со намалување на брзината. Но, постојат и други причини да се вози побавно на пат што е покриен со лисја. Можно е лисјата да покриваат ударни дупки во патот, камења, набори во подлогата и други пречки.

Дожд: Кога ќе заврне по подолг сушен период, покрај аквапланингот постои опасност и од лизгавиот филм на површината на патот. Притоа се создава мешавина од лисја, ситни честички од гуми и друга нечистотија, од која што во контакт со вода се создава пена на патот. Кога возилото напред остава пена зад гумите, тоа е непогрешлив знак дека патот е лизгав. Земјата што ја оставаат тракторите или камионите од градилиштата уште повеќе ја зголемуваат лизгавоста на патот.

Мраз: Во зависност од регионот, од средината на октомври веќе може да се очекува првиот мраз. Во тој случај почнуваат да се покажуваат предностите на зимските гуми. Поради поголемата содржина на силика во составот, зимските гуми ја задржуваат еластичноста при пониски температури, за разлика од летните гуми кои што почнуваат да скрутуваат веќе при +7 степени Целсиусови и со тоа се понестабилни. Под три степени Целсиузови треба да се очекува појава на голомразица, без разлика што времето е суво. Најголема опасност од голомразица има на мостовите, на шумските патишта и на крстосниците. Потребно е да се внимава и при излегување од населените места, поради тоа што во нив обично е потопло отколку на отворено.

Магла: Во котлините почнува да се појавува магла. При видливост под 50 метри не смее да се вози побрзо од 50 km/h и потребно е да се вклучат магленките, доколку возилото е опремено со нив. За добра видливост се потребни исчистени стакла и добри бришачи што не оставаат трага врз ветробранот,

 

Светлина: Деновите се скусуваат и добрите светла се важни. Дневните светла на поновите возила не се доволни и најдобро е да се вклучи собореното светло. Задните магленки смее да се вклучат само при видливост помала од 50 метри, затоа што во спротивно ги заслепуваат возачите назад и оневозможуваат тие да реагираат навреме при сопирањето.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Полициски маратон: 83.000 казни за брзо возење во еден ден

Land Rover Defender заминува во пензија по 67 години