Обвинувањата за картелско здружување на германските производители не се предмет само на европските судови. Во САД исто така започнуваат истраги. За тамошните судови е познато дека не одредуваат благи казни.
Американските судови ги проверуваат обвинувањата за картелско здружување на три германски производители на автомобили. Веста ја објави агенцијата Блумберг, повикувајќи се на лице коешто е запознаено со случајот. Според агенцијата, сé уште нема најави дека судовите во САД ќе отворат формална истрага.
Институциите за спречување монопол во Европа, моментно постапуваат на обвинувањата против германските производители на автомобили Volkswagen, Daimler и BMW. Доколку се докаже дека производителите постапувале според заеднички договор, на концерните ќе им бидат изречени мошне високи казни.
Volkswagen веќе плати отштети во висина од над 22 милијарди евра
Судовите во САД се познати дека одредуваат високи парични казни. Покрај тоа, на производителите на автомобили им се закануваат и скапи цивилни постапки, доколку добавувачите и купувачите сметаат дека се оштетени. Само за подмирување на казните во Северна Америка, Volkswagen мораше да плати над 22 милијарди евра во казнени и цивилни постапки.
Пет германски производители под сомнение за картелско здружување
Случајот со картелското здружување изби во јавноста во петокот. Менаџери на Volkswagen, Audi, Porsche, BMW и Mercedes со години се договарале тајно за техниката во своите модели, за цените, добавувачите и за постапувањето во поглед на штетната емисија кај дизел моторите.
Според последните гласини, Daimler и Volkswagen уште претходно го пријавиле пазарниот престап кај институциите за заштита на конкурентноста. Тоа може да ги поштеди од покренување постапка против нив.
















