Опел дели совети за зимско возење, а малку си го фали и електричниот Грандленд AWD

Зимско возење низ снег и мраз: Што навистина помага зад воланот, а што бара подготовка однапред. Опел со вредни совети за возачите, при мраз и снег на патот, но и општо во зимски услови на возење.

Мраз на пат, снег, лоши услови на видливост и утрински минус – зимата секоја година ги става возачите на реална проверка. Електричниот Опел Грандленд со погон на сите тркала нуди сигурна основа со два електромотори и прецизна контрола на подвозјето, но без добра подготовка и приспособено темпо нема автомобил што сам ја решава зимата.

Зимата ретко простува непромисленост, особено кога првиот мраз ќе го изненади сообраќајот или кога снегот ќе падне баш во време на гужва. Во таков период добро доаѓа автомобил што мирно ја поднесува подлогата, како што е електричниот Опел Грандленд Електрик АВД (Opel Grandland Electric AWD) со погон на сите тркала, амортизација со фреквенциски селективно приспособување и адаптивни светла Интели-Лукс ХД (Intelli-Lux HD). Сепак, без оглед на тоа каков погон има колата под хауба – електричен, хибриден, бензински или дизел – на крајот решава тоа дали автомобилот е навреме подготвен и дали возачот знае да го чита патот.

Како се однесува Грандленд Електрик АВД на снег и мраз

Кога асфалтот е лизгав, најважно е силата да стигне до подлогата без нагло пролизгување и без изненадувања во управувањето. Кај Грандленд Електрик АВД погонот на сите тркала работи преку два електромотори, а во режимот „4ВД“ вртежниот момент се распределува на сите четири тркала, со посебно нагодени поставки на електронската контрола на стабилност и тракција за зимски површини.

Електричниот погон испорачува вртежен момент до 509 њутнметри, што доаѓа веднаш при притисок на педалот. Токму затоа електрониката и подвозјето со фреквенциски селективни амортизери треба мирно да ја дозираат таа сила, за возилото да го држи правецот и при поостар старт или нерамна подлога.

Во зимски денови корисна помош се и опционалните адаптивни светла Интели-Лукс ХД. Тие го приспособуваат светлосниот сноп според ситуацијата на патот без да ги заслепуваат другите возачи, а при брзина од 80 км/ч даваат 30 до 40 метри подобра видливост во споредба со обичните халогени или ксенон-светла – што во пракса значи околу 1,5 секунда повеќе време за реакција.

Практични совети за возачите пред и за време на зимата

Ниту еден систем за помош не може да надомести истрошени гуми, замрзнати стакла или пребрзо влегување во кривина. Пред студените денови вреди да се проверат овие работи:

  • Зимски гуми и длабочина на шарата: Зимските гуми се задолжителни кога ќе паднат температурите и кога има снег или мраз. Треба редовно да се проверува притисокот и длабочината на шарата. Обично се внимава профилот да не падне под 1,6 милиметри, но за зима и снег се препорачува најмалку четири милиметри.

  • Течности и возило во исправна состојба: Неопходно е да се провери антифризот во разладниот систем и течноста за миење стакла со заштита од мрзнење, како и сопирачките, светлата и брисачите. Размачкано стакло или послаб сопирачки ефект во зимски услови брзо стануваат сериозен ризик.

  • Целосно чистење снег и мраз пред поаѓање: Мало „прозорче“ исчистено на замрзнато ветробранско стакло не е доволно. Пред да се тргне, мора да се исчистат сите стакла, ретровизори, предни и задни светла за да има чист преглед на сите страни. Исто така, треба да се исчисти и снегот од кровот, за да не лизне одеднаш врз шофершајбната или врз возилата зад вас.

  • Чисти стакла и одвнатре: Во студено и влажно време стаклата лесно се замаглуваат од внатрешната страна. Клима-уредот помага да се намали влагата во кабината, па затоа е корисно автоматската клима редовно да се вклучува и во зима, заедно со вентилацијата, за постојано да има добра прегледност.

  • Приспособено возење на снег и мраз: На лизгав пат правилото е едноставно – помала брзина, поголемо растојание од возилото напред и возење со предвидување. Растојанието за запирање на снег и мраз значително се продолжува, па се препорачуваат смирени движења на воланот, нежно додавање гас и избегнување нагло сопирање или непотребно престројување.

  • Внимание околу батеријата: Ниските температури го оптоваруваат секој акумулатор, а кај возилата со мотор со внатрешно согорување послаб акумулатор лесно откажува на студ. Кај електричните автомобили досегот во зима може да биде помал затоа што дел од енергијата оди за одржување на температурата на батеријата, па е добро однапред да се следи состојбата на полнење, да се планираат станиците за полнење и автомобилот да се загрее додека е приклучен на полнач. Кај Грандленд Електрик АВД тоа значи и потопла кабина при тргнување и полесно топење на мразот или снегот на ветробранското стакло.

  • Синџири за снег според рутата: Ако се планира патување на планина, треба навреме да се провери состојбата на патиштата и дали е задолжителна употреба на синџири. Синџирите треба да стојат на лесно достапно место, а пред патување треба да се провери дали избраната димензија одговара на конкретната комбинација од тркала и гуми на возилото. Во каталогот на додатоци на Опел онлајн е достапен избор на синџири за снег.

Опел Грандленд во онлајн-каталогот АВТОСАЛОН.МК

Opel Grandland 1.6 Turbo 180 Edition

На крајот, сè се сведува на истото: ниту погонот на сите тркала ниту електрониката не ги поништуваат законите на физиката на мраз. Кога автомобилот е технички среден и навреме подготвен, а темпото е приспособено на патот, зимското возење е многу помирно и побезбедно.

Претходна објаваОваа Тојота ГР Јарис има 280 КС и носи потпис на Акио Тојода
Следна објаваМерцедес-Бенц ГЛА Хибрид · Попривлечен избор за Македонија од чиста струја, со напредна техника од поголемите модели