Тест на зимски гуми на ADAC: Димензија 185/65 R15

Од 16-те модели на зимски гуми со димензија 185/65 R15 што годинава се најдоа на редовниот тест на клубот ADAC, само два модели заслужија посебна препорака, додека три модели на зимски гуми се опасни според експертите на клубот. Изненади одличниот пласман на Linglong. Во вториот дел ќе бидат објавени резултатите за димензија 225/50 R17.

Слика: ADAC; Разликата во патот на сопирање меѓу најдобрата и најслабата зимска гума со димензија за градски автомобил изнесува близу 18 метри. Тоа покажува колку е важно да се внимава при изборот.

На редовниот тест на зимски гуми на клубот АДАК се најдоа две димензии на гуми. Едната е вообичаена кај моделите од градската класа, додека другата димензија е повеќе наменета за модели од средната класа (225/50 R17). Во првиот дел се резултатите од тестот на гуми за модели од класата на Поло и Клио.

Добри зимски гуми се тие што освен на снег и мраз, покажуваат безбедни својства и на дожд и на суво, и општо се наменети за возење при зимски температури. Во двете димензии на тестот на клубот АДАК годинава се избрани по 16 модели на зимски гуми.

Во завршната оцена на секоја гума влегуваат својствата и оцените во дури 19 критеруми што се мерат и проверуваат на тестот на АДАК. Освен безбедноста, којашто е најважна, во оцената влегуваат и критериуми што се важни за џебот, односно добрите зимски гуми треба да издржат и многу километри и да не предизвикуваат премногу зголемена потрошувачка.

Најдобри оцени на тестот на зимски гуми со димензија 185/65 R15 88T/H постигнаа Continental WinterContact TS 870 и Michelin Alpin 7. Двете се издвојуваат посебно во безбедноста и во возните својатва. Тоа се единствените два модели на зимски гуми со оваа димензија што годинава заслужија оцена „со висока препорака“.

Зад нив со мал заостаток, но се уште со оцена „со препорака“, следат Hankook Winter i*cept RS3, Linglong Sport Master Winter, Optimo Winter Touring OW41, Goodyear UltraGrip Performance 3 и GT Radial WinterPro2 Evo.

Причината што на овие гуми им е спуштена оцената, иако тие покажале добри својства во останатите критеруми, се разновидни слабости, било да е тоа на сув пат, на дожд, во поглед на абењето или поради влијанието врз потрошувачката на гориво. Релативно високо се најдоа и зимските гумите на LingLong, за коишто експертите на ADAC сепак оценија дека имаат и одредена слабост на снег и мраз.

Со „условна препорака“ го завршија тестот Bridgestone Blizzak LM 005, Nokian Tyres Snowproof 2, Vredestein Wintrac, Barum Polaris 6, Kumho WinterCraft WP52+ и Viking WinTech NewGen.

Овој модел на зимски гуми на Bridgestone се одликува со добри перформанси при возење на влажен пат, но е мала километражата што се минува со нив.

Наспроти нив, гумите Sunny Winter-max NW611, Atlas Polarbear HP и Rockblade Rock 868S „не заслужуваат препорака“. Кај сите три се воочуваат слабости при возење на влажен пат.

Безмалку 18 метри разлика во патот на сопирање

Колку може да биде голема разликата меѓу гумите во поглед на безбедноста, покажува мерењето на патот на сопирање од брзина 80 километри на час на влажен пат. Возилото со Bridgestone Blizzak LM 005 запира по само 33,5 метри. На истото возило, со гуми Rockblade Rock 868S му се потребни 51,4 метри. Тоа е разлика од 17,9 метри. На местото каде што возилото со гумите од Bridgestone веќе е запрено, истото возило со гумите Rockblade пролетува со 47 километри на час.

Се забележува и релативно малата километража со гумите со оваа димензија. Во просек, тие ќе поминат по 31.000 километри. Најиздржливи се Kumho WinterCraft WP52+ со околу прогнозирани 40.000 километри, но тоа е слабоста на Bridgestone, за коишто се очекува километража од околу 22.400 километри.

Во вториот дел ќе бидат објавени резултатите за зимски гуми со димензија 225/50 R17, наменета за модели од средна класа

 

Претходна објаваСтелантис оди на подостапни електрични автомобили со батерии ЛФП