Фабрика на Фолксваген расклопува стари возила и обезбедува резервни делови

Фабриката за автомобили на Фолксваген во Цвикау воведе индустриска постројка за расклопување по 4.000 возила годишно, од коишто ќе се извлекуваат користени резервни делови од оригинално потекло.

По потребните зафати што започнаа во јануари, сто работници во нова хала во фабриката на Фолксваген во Цвикау ќе бидат ангажирани во две смени да расклопуваат стари возила и од нив да извлекуваат резервни делови за постпродажба, како и суровини.

Од денес, во фабриката на Фолксваген во Цвикау, нема само да се произведуваат нови автомобили, туку во неа ќе пристигаат и стари автомобили, чијшто резервни делови ќе се репарираат и подготвуваат за постпродажба. Освен резервни делови, ќе се обезбедуваат и суровини за производството на нови возила.

Томас Шефер, извршен директор на марката Фолксваген и член на управниот одбор на концернот, најави дека „на овој начин ќе ја воведеме циркуларната економија во целиот концерн.“

Намерата е првенствено да се оформи ново деловно подрачје за концернот, преку продажба на користени резервни делови, што се проверени и одобрени од самиот производител. Од 2032 година, ќе се врши и целосно рециклирање на пластика и останати суровини. Планот за иднина е пластиката од едно старо возило да се рециклира за изработка на делови од пластика за три нови возила.

Андреас Валинген, директор за циркуларна економија во Фау Ве, објаснува дека овој потег е корисен и за животната средина и за заработката. „Електрична, дигитална и циркуларна: Тоа е автомобилската индустрија од иднината. На тој начин, циркуларната економија прераснува од концепт за одржливост во индустриски модел на бизнис.“

Подготовката за овој чекор што е на индуструско рамниште, траеше само девет месеци, три покусо од предвиденото. Бетонирани се 1.200 метри квадратни, вградени се 94 тони челик, 100 метри високонапонски кабли за логистиката. Главнината од средствата е вложена во подот на објектот, заради соодцетно складирање на суровините.

Таму каде што се произведуваат возила, знаат најдобро како да ги раслопат истите

Дени Ауерсвалд, претставник на управниот одбор на Фолксваген Саксонија: „Со нашите знаења, во опремувањето и организацијата на демонтажата ги искористивме сите синергии меѓу производството на возила и демонтажата на возила“. Така се постигнува ефикасно и брзо расклопување, што е суштина на секое работење.

На подолг рок се планира Фолксваген да воспостави мрежа од партнери во циркуларната економија ширум Европа. Фабриката во Цвикау ќе биде центар на одржливоста и рециклирањето во целиот концерн.

Возачките и возачите со овој чекор ќе можат да изберат подостапни, но сигурни, користени резервни делови, од оригинален извор. Побарувачката е највисока за каросериски делови, како врати или браници, но и за мотори и делови од менувачи. Деловите ќе бидат достапни во сервисната мрежа на Фолксваген и на овластените сервисни работилници и трговци со делови. Снабдувањето со тие делови ќе биде организирано врвно, исто како со новите резервни делови.

Во ова ново подрачје за концернот ќе бидат вработени до 1.000 лица.

Претходна објаваШвајцарија подготвена за нафтена криза, можно ограничување на 80 км/ч на автопатите