
Липмотор стана прв кинески производител на автомобили што врши производство и на електрични возила и на батерии во Европа, почнувајќи со работа од фабриката на Стелантис во Шпанија.
Тоа е пример како кинеските производители на автомобили ги заобиколуваат царините за да го забрзаат ширењето на извозните пазари, што честопати се врши со помош на традиционалните производители со коишто тие соработуваат.
Основана пред 11 години, Липмотор на 16-ти октомври одбележа свечено отпочнување со производството на електричниот СУВ од градска класа Б10 во Сарагоса, Шпанија. Истовремено беше отворена и фабрика за батерии во блискиот град Мален. Таму ќе се изработуваат модули за литиум-јон-фосфатни батерии за возилата што компанијата ги произведува во Сарагоса.
Се работи за заеднички потфат на Липмотор и концернот Стелантис, којшто поседува 20 проценти од акциите на кинескиот партнер.
Со овој чекор, Липмотор е четвртиот производител на електрични автомобили од Кина, што почна да произведува во Европа, по Чери, Шаопенг и ГАЦ, вршејќи монтажа на возила од полуготови китови што се испорачуваат од Кина, но е прв што почна да произведува и батерии во Европа.
Со локалното производство, овие компании ги избегнуваат дополнителните царини за електричните автомобили од Кина, што Европската Унија ги воведе во 2024 година и што достигнуваат до 35,3 проценти, покрај претходните 10 проценти царина.
Кинеските компании со овој чекор се ослободуваат и од системот на строго ограничени количини што Унијата планира да ги воведе за увозот на хибриди и приклучни хибриди од Кина во 2027 година.
Монтажата на батериски модули во Шпанија овозможува Липмотор да ги исполни условите за локално потекло, што ЕУ исто така планира да ги воведе, за да го заштити пазарот од наплив од електрифицирани возила од кинеските фабрики.
„Нашите корени се во Кина, а нашата амбиција е глобална,“ изјави основачот и претседател на Липмотор, Џиангминг Жу во соопштението. „Европа е стратешки дел од таа амбиција и производството во Срагоза ни овозможува да ја приближиме технологијата до европските пазари и купувачи.“
Во првото полугодие од 2027, Липмотор ќе го воведе и електричниот компакт Б05 во шпанската фабрика. Таму се произведуваат и популарни модели на концернот Стелантис – Пежо 208 и Опел Корса, заедно со Ланчиа Ипсилон.
Липмотор стана 4-ти најголем производител на ЕВ во Кина благодарејќи на Стелантис
Компанијата со седиште во Ханџоу, град во источна Кина, започна со продажба на електрични возила и ЕВ со продолжен досег на домашниот пазар во 2019 година. Но, Липмотор оттогаш растеше забрзано и прерасна во четврти најголем производител на електрични возила во Кина, во голем дел благодарејќи на соработката со Стелантис.
Стелантис презеде удел од 20 проценти во компанијата во 2023 година, во вредност од 1,5 милијарда евра. Со оваа зделка беше договорено Липмотор да ги користи фабриките на Стелантис, заедно со мрежата за дистрибуција во светски размери, со цел да го забрза пробивот во Европа и на други пазари.
Фабриката во Сарагоса е втора фабрика на Стелантис што произведува модели на Липмотор. Во јуни, фабриката на Стелантис во Малезија започна со монтажа на електрифицирани модели на Липмотор со волан од десната страна, наменети за регионот на Југоисточна Азија. Таму се врши монтажа на китови што се увезуваат од Кина.
Во јули, Липмотор започна да продава автомобили од кинеско производство во Мексико, преку дилерската мрежа на Стелантис.
Липмотор во првото полугодие од 2026 ја зголеми продажбата за повеќе од четирипати, со близу 100.000 возила, придонесувајќи за растот од 61 проценти во вкупната продажба со 356.000 возила во споредба со истиот период лани.
Според кинеското здружение за патнички автомобили, Липмотор е 4-ти најголем производител на електрифицирани возила во земјата, по Би Уај Ди, Џили и Чери.
Липмотор Ц10 · На пат од 800 километри со електричен автомобил низ Македонија (Прв дел)














