Електричните автомобили (БЕВ) во првите девет месеци ја зголемија продажбата за 42 проценти во споредба со истиот период лани. Причина за тоа се високите цени на горивата, што се предизвикани од војната на Средниот Исток, како и широкоградата помош од државата за купувачите на БЕВ, посебно во Франција, Германија и Италија.
Многу влијае и збогатената понуда од модели со достапна цена. БЕВ во септември постигнале пазарен удел од рекордни 30 проценти, што е за еден процентен бод повеќе во споредба со август.
Тесла забележа историски рекорд во месечната продажба во Европа, благодарејќи на високата побарувачка за БЕВ и зголемувањето на продажбата во последниот месец од секое тромесечје, што е вообичаено за Тесла. Продажбата порасна 71 проценти, со тоа што Модел 3 постигна раст од 106 проценти со 25.057 возила во септември, заостанувајќи единствено зад Тесла Модел Уај во вкупната продажба. Модел Уај имаше раст од 55 проценти.
Фабриката на Тесла во Шангај, каде што се произведува Модел 3 за извоз во Европа и други пазари, прерасна во главен извозен центар за производителот од САД, откако почна да опаѓа побарувачката за возила во Кина.
Продажбата на кинеските автомобили продолжи да поставува рекорди и во септември, со раст од 104 проценти во споредба со лани. Пазарниот удел во минатиот месец изнесуваше 14,5 проценти, што е највисок удел досега. На годишно ниво, продажбата на кинески автомобили порасна 102 проценти, а пазарниот удел се искачи на 10,5 проценти.
Растот кај кинеските возила се случува во време додека европското законодавство разгледува мерки што се наменети да го запрат нивниот пробив, вклучувајќи го Актот за помош на индустријата (ИАА). Со овој акт, субвенциите ќе бидат можни само за возила што се произведени во ЕУ или во голем дел содржат делови од локално производство.
Во почетокот на месецов, трговски претставници од Европа и Кина се сложија околу предлогот да се скуси увозот на приклучни и обични хибриди за повеќе од половина.
Победниците во септемвриската продажба доаѓаат од Кина
Најголемиот раст во продажбата во септември го постигнаа Кинезите. Липмотор напредуваше 324 проценти, со продадени 14.382 возила. Со тоа, кинеската марка што е партнер на Стелантис, се најде на 5-то место меѓу производителите од Кина. Чери зголеми 263 проценти, Шаопенг постигна 229 проценти раст, кај Групацијата Џили се 151 проценти. Би Уај Ди напредуваше 102 проценти, додека најслаб раст има кај САИЦ, производител на МГ, со 21 процент.
Други марки со најголем раст, што не се од Кина, се Тата, со раст од 35 проценти во продажбата на Ленд Ровер) и Мазда со 24 проценти. Тие имаат раст над просекот на пазарот.
Од традиционалните големоволуменски производители, Стелантис постигна раст од 5,1 проценти, што главно се должи на силната продажба од марките Фит и Ситроен, додека Пежо и Опел заостнауваат зад пазарниот просек.
За четири проценти порасна и продажбата на Мерцедес-Бенц, Сузуки постигна раст од 2,9 проценти, кај Тојота се 1,1 проценти. Групацијата БМВ и Хонда немаат промени.
Форд со најголем пад меѓу традиционалните производители
Меѓу производителите со продажни бројки во црвеното подрачје се Форд со пад од 18 проценти, Нисан со 14 проценти и групацијата Фолксваген со 2,8 проценти, како и групацијата Рено, со 0,8 процент во минус, што главно се должи на падот од 8,8 проценти кај Дачиа.
Како што расте продажбата на БЕВ, продолжува да паѓа продажбата на возила со неелектрифициран погон. Продажбата на бензинци, вклучувајќи благи хибриди, опадна 10 проценти и постигнува удел од 35 проценти на пазарот. Кај дизелите има пад од 19 проценти и удел сведен на 7,1 проценти.
Солиден раст од 25 проценти има кај приклучните хибриди, на коишто им припаднале 12 проценти од септемврискиот пазар, додека обичните хибриди имаат раст од 9,3 проценти и пазарен удел од 13,4 проценти.















