Со овој план се става во неизвесност иднината на фабриката на Ауди во Некарсулм, Баварија, од кадешто досега излегуваа луксузните лимузини.
Ауди ќе стартува со производство на А8 во Лајпцих најрано во 2030 година, паралелно со идната генерација на Порше Панамера, користејќи ја нејзината платформа, објави Хајлбронер Штиме на 9-ти октомври.
Со овој чекор, матичниот концерн Фолксваген ќе може да ги скуси трошоците за развој и производство, преку зголемено користење заеднички компоненти и платформи. Но, тоа ја ослабнува фабриката во Некарсулм, на којашто А8 ѝ беше еден од носечките столбови.
Одлуката доаѓа во време додека Ауди се подготвува да го засили кратењето трошоци и повторно да ги отвори преговорите со работниците. Марката се повикува на клаузулата за „лошо време“ во работниот договор, откако се дојде до заклучок дека претходно договорените засеци се недоволни. Ауди веќе се обврза да скуси 7.500 работни места до завршетокот на 2029 година.
„Некарсулм има богата индустриска експертиза и импресивна историја. Но, традицијата не може да ја гарантира иднината,“ изјави извршниот директор на Ауди, Гернот Делнер на средбата со работниците во фабриката, се наведува во извадоци од неговото обраќање што се пренесени во соопштението за јавност.
Делнер кажа дека Ауди мора да стане поконкурентна во поглед на трошоците, брзината и продуктивноста. Тој ја повтори пораката од извршниот директор на концернот Фолксваген, Оливер Блуме, којшто врши радикални зафати во германскиот концерн, скусувајќи работни места и недоволно искористени производствени погони, со цел да се подобри маржата, којашто е под притисок од царините во САД и од кинеската конкуренција.
Одлуката за А8 става голема неизвесност околу иднината на фабриката во Некарсулм, каде што работат преку 15.000 лица. Концернот Фолксваген масовно ги преселува своите модели, во фабрики во коишто се произведува поевтино, ги префрлува моделите на заеднички платформи и се оди на синергиски ефекти, место да се оди на самостојност на секоја марка одделно.
Некарсулм и трите фабрики на Фолксваген во Емден, Хановер и Цвикау се соочуваат со можно затворање по 2031 година, доколку не се најде друго решение. Како можни алтернативи, Блуме разгледува партнерства со Кинезите и договори со компаниите од одбраната.
Во Некарсулм продолжува производството на Ауди А5 и А6. Во блиските погони во Белингер Хефе се произведува електричниот Ауди е-трон ГТ.















