Италија е царство на малечките и уште помалечки автомобили уште од времето на Фиат Тополино и Чинквеченто. Но, законите досега не им даваа привилегии на малечките автoмобили при паркирањето. Тоа може да се смени со предлогот за изменување на законот за патен сообраќај во земјата.
Законот во Италија пропишува јасно: „Доколку не е поставен соодветен знак, возилото при запирање или при паркирање, мора да се остави колку може поблуску до десниот раб на коловозот, паралелно со истиот и во насоката на возење.“ Според тоа, остапка од овој начин на паркирање може да се дозволи само доколку тоа е назначено со соодветен знак или со соодветно обележани места за паркирање.
Можно е да се дозволи нов начин на паркирање. Во предлогот за изменување на законот за патен сообраќај, се бара одобрение за возилата да се паркираат и попречно од правецот на движење. Законите во Италија во моментов пропишуваат казна во висина од 42 евра (околу 2.600 денари), доколку се паркира недозволено.
Може да се паркира, но само до одредена должина
Новиот закон предлага во иднина да се дозволи „возилата со должина до најмногу 2,70 метри, на простор каде што не се обележани местата за паркирање или истите се широки најмалку 2,80 метри, да се паркираат и попречно од работ на коловозот.“
Намерата е на овој начин да се искористат во целост местата за паркирање што стојат на располагање, посебно во градовите. Измената сепак ќе опфати само неколку модели на автомобили што се покуси од 2,7 метри. Тоа се сите три досегашни генерации на Смарт, но и актуелниот Фиат Тополино (идентичен е Ситроен Ами), којшто е конструиран како електричен четирицикл и долг е 2,54 метри.
Во Македонија не е дозволено попречно паркирање, освен ако просторот е означен соодветно. Во спротивно, се смета дека возилото го попречува сообраќајот, ја загрозува безбедноста и се соочува со казна или отстрапување со возило-пајак.
















