Првата помисла кога ќе се спомне Хонда Ен Ес Икс е името на трикратниот светски првак Аиртон Сена, загинат трагично на трка и за многумина најдобриот возач на Формула 1 на сите времиња. Една од неговите Хонди Ен Ес Икс оди на наддавање кон завршетокот на октомври.
Како возач на тимот на Хонда-Мекларен, тој поседуваше неколку примероци од моделот. Еден од нив стоеше кусо на онлајн наддавање во почетокот на 2024 година. Тој црвен автомобил од 1991 година ќе оди на наддавање на 31-ви октомври 2026 година, организирано во Лондон од угледната аукциска куќа РМ Сотби.
Хонда го развиваше Ен Ес Икс кон завршетокот на 1980-те години како директен конкурент за докажаните марки суперспортски автомобили Ферари и Порше. За да се успее во тоа, Јапонците се обратија на тогаш најдобриот возач во светот. Аиртон Сена беше главен во завршното нагодување на автомобилот.
Откако Сена оцени дека тестираниот прототип е „по малку нежен“, инженерите по негови совети ја зајакнаа шасијата за 50 проценти. Неговите препораки влијаеја и за нагодувањето на подвозјето. Завршното дотерување беше извршено на славната тркачка патека Нирбургринг.
Кратенката означува Њу Спортскар Експериментал и тоа е еден од првите сериски автомобили, чијашто каросерија речиси целосно е изработена од алуминиум. При дизајнирањето на автомобилот се внимавало да се постигне добра прегледност на возачот на сите страни, совршено интегрирање на возачот и колку е можен помал потисок при високи брзини.
Моторот со клипници од титан врти до 9.000 вртежи
Шестцилиндарецот во Ве е вграден попречно пред задната оска, располага со 280 КС и се цени како исклучително напреден мотор со електронско управување со придушницата, со клипници од титаниумска легура и способност да заврти до 9.000 вртежи во минута.
Овој примерок е најпознатиот од трите што биле во сопственост на Аиртон Сена. Возилото било регистрирано на 22-ри март 1991 година во Португалија, каде што Сена живееше во тоа време. Црвенава Ен Ес Икс стана прочуена преку документарниот филм „Аиртон Сена: Тркањето ми е во крвта“ снимен во 1992 година. Во филмот се овековечени сцените во коишто легендарниот возач ја мие својата Ен Ес Икс со црево.
Сегашниот сопственик, Роберт Мекфејган, го купил возилото во 2013 година, директно од имотот на Сена во Португалија.
Тоа веројатно ќе биде најскапата Хонда Ен Ес Икс досега
На првиот обид за наддавање во 2024 година, црвената Ен Ес Икс беше понудена за 500.000 фунти на онлајн платформата за наддавање Аутотрејдер. Во октомври ќе биде многу посериозно, откако Хондата на Сена ќе биде ставена на наддавање на настан на угледната РМ Сотби. Нејзините експерти очекуваат вредност меѓу 500.000 и 800.000 британски фунти, односно од 600.000 до 950.000 евра.
Тоа далеку ја надминува вредноста на стандардната Ен Ес Икс од првата генерација, којашто се движи околу 100.000 евра. Трикратниот светски првак во Формула 1, Бразилецот со благородничко потекло Аиртон Сена да Силва, загина на трката за големата награда на Сан Марино на 1-ви мај 1994 година. Тој имаше 34 години.















