
Извршниот директор Милан Недељковиќ ја преиспитува моделската стратегија, додека германскиот производител врши масовно кратење на трошоците. Тоа вклучува отпуштање илјадници работници и скапа отпремина за нив. Се кратат и моделите што се продаваат слабо, како и варијанти на модели и видови погон.
БМВ веќе го укина родстерот Зед 4, откако го прекина производството годинава и нема намера да развива наследник.
Луксузното купе од серијата 8 исто така е пред пензија. Проструија гласини дека БМВ би можел да ја врати серијата 8 во живот под марката Алпина, откако во јануари ја презеде луксузната марка, но таа идеја е отфрлена на интерно ниво.
Постоечкиот модел користи технологија што е стара околу осум години и таа не може да се замени со технологијата на Ное Класе, потврди претставник на БМВ.
Повеќе е проблем електричната лимузина и4. Таа се произведува во Минхен уште од 2021 година и беше еден од носителите на силниот пробив на електричните автомобили на БМВ на светскиот пазар.
Но, БМВ сега ја лансира електричната лимузина и3, којашто е понапредна и користи технологија на Ное Класе. Прашање е дали БМВ треба да има два модели што се тркаат за истите купувачи. БМВ уште нема донесено одлука, поради што останува неизвесна иднината на и4.
Знаменосецот Икс М е загрозен поради слабата продажба во Кина
Икс М се соочува со друг проблем. БМВ го создаде овој СУВ со приклучен хибриден погон со високи перформанси како знаменосец на својот огранок М ГмбХ и како независен модел за прикажување на врвот што може да го постигне М ГмбХ во поглед на перформансите. Слабата побарувачка во Кина и малата профитабилност го ставаат овој модел во опасност од исчезнување.
Се крати и кај останатите модели.
Икс 4 нема да добие наследник откако ќе заврши производсвото во фабриката на БМВ во Спартанбург, САД. Се стеснува и просторот за Актив Турер од серијата 2, бидејќи БМВ ги насочува силите кон попрофитабилните модели, како Икс 1 и Икс 2.
Задава главоболки брзината на воведување на моделите од Ное Класе
БМВ вложи преку 10 милијарди евра во развој на платформата Ное Класе, каде што компјутер е задолжен за сé. Агендата за пуштање нови модели врз таа технологија е толку забрзана, што БМВ мора во исто време да развива, да пушта во производство и да дистрибуира голем број нови модели.
Големо ограничување кај Ное Класе е тоа што не може да се изведуваат разни варијанти, како што тоа беше случај досега. Секоја моделска серија врз Ное Класе мора да задоволи одреден праг на продукција.














