Opel Mokka отсега ќе се произведува и во Европа

Шпанскиот крал Фелипе Шести го потпиша првиот примерок од Opel Mokka произведен во Сарагоса

Популарниот кросовер на Opel досега пристигаше од Јужна Кореја. Со стартот на производството во Шпанија, Opel ќе реагира побрзо на побарувачката на пазарот.

Од почетокот на продажбата во летото 2012 година, Opel Mokka се продаде во преку 275.000 примероци, со што за само две години тој прерасна во трет најпродаван модел на марката со молња во маската. Со денешното одбележување на стартот на производството во фабриката на Opel во Сарагоса, Шпанија, марката ќе може многу побрзо да реагира на побарувачката на европскиот пазар. На церемонијата присуствуваше и шпанскиот крал Фелипе Шести.

Opel планира во оваа година да инвестира 210 милиони евра во шпанската фабрика, по инвестицијата од 168 милиони евра во ланската година. Само подготовката за производство на Mokka го чини германскиот производител 80 милиони евра. Од отворањето на фабриката во Сарагоса во 1982 година, Opel инвестираше вкупно 4,3 милијарди евра. Фабриката вработува околу 5.700 лица во производство на моделите Corsa и Meriva, а отсега и на кросоверот Mokka.

На почетокот во шпанските погони ќе пристигаат CKD (Completely Knocked Down) модули од Кореја, за во следните години постепено да се зголемува учеството на компоненти од локално производство. До крајот на годинава се планира во Шпанија да се произведат 20.000 примероци од Mokka. Моделот што е идентичен со Chevrolet Trax е дел од големата моделска офанзива на Opel, во која што германскиот производител планира до 2018 година да претстави 27 нови модели и 17 нови мотори.

Претходна објаваНовата класа B на Mercedes: Дотерана во најситниот детал
Следна објаваPeugeot 208 со погон на компримиран воздух

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here