Електричниот Golf се подготвува за полициска кариера

По сериската верзија со погон на батерии, Volkswagen ја претстави и изведбата на e-Golf којашто е развиена посебно за полициска примена. Отсуството на штетна емисија во патрола е главниот аргумент на e-Golf.

На претстојниот меѓународен салон за полициска опрема во германскиот Лајпцих ќе биде претставена специјалната верзија на електричниот Golf во полициска униформа. Покрај сино-сребрената боја на каросеријата што е препознатлива за полициските возила во повеќето региони во Германија, овој Golf со погон на батерии е дополнително опремен со  сирена и со дигитална радио станица. Германската полиција наскоро ќе ги преземе електричните „голфови“ во своите возни паркови.

За погонот во e-Golf се користи електромотор од 115 КС, којшто го постигнува максималниот вртежен момент од 270 њутнметри уште од старт. Забрзувањето до 60 km/h трае 4,2 секунди, а 100 km/h постигнува по само 10,4 секунди. Досегот зависи од условите во сообраќајот, од начинот на возење, натовареноста и надворешната температура и се движи меѓу 130 и 190 километри. Примената на погонот на струја за полициските возила е интересна од повеќе аспекти, првенствено од аспект на отсуство на штетна емисија при секојдневното патролирање и ангажман на флотата од полициски возила во градовите, како и ниското оптоварување на средината со бучноста од возилото.

Претходна објаваХоландија е шампион во субвенции: Електрично комби за 5.000 евра
Следна објаваAudi ќе произведе 1,7 милион возила до крајот на годинава

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here